Среда, 06 Мај 2020    PDF Печати Е-пошта
Ѓурѓовден

gjurgjovden

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка и др.

Празникот на светиот великомаченик Георгиј познат како Ѓурѓовден се празнува на 6 мај според новиот (или на 23 април според стариот) календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и целото население во Македонија што од друга страна значи дека во неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто.

Големиот црковен и народен празник посветен на светиот великомаченик  Георгиј Победоносец маѓу народот познат како Ѓурѓовден спаѓа меѓу неподвижните празници или меѓу празниците со постојан датум. Секоја година се паѓа на 6 мај според новиот, или на 23 април според стариот календар. Ѓурѓовден е најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското туку и другото население, што од друга страна зборува за фактот дека во неговата основа лежи некој голем претхрстијански празник во чест на  пролетта, на разбудувањето на вегетацијата и на животот воопшто. Како голем празник Ѓурѓовден се поврзува со Велигден па и во народната пена се пее за нивната поврзаност, за  раззеленувањето на вегетацијата и за враќањето на животот по пасивниот зимски период.

- Ѓурѓе ле, Ѓурѓе млад Ѓурѓе,

да кој ти рече да дојдеш?

- Мене ми рече Велигден!

Ѓурѓе ле,  Ѓурѓе млад Ѓурѓе,

брго по мене да дојдеш,

по тебе шума и трева,

по трева идат ќејаи,

по ќејаи идат овчари.

…Свети Георгиј е погубен на 6 мај (23 април) според некои извори 303 година и секоја година на овој датум Светата црква го празнува  споменот на својот Великомаченик. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември денот кога е обновен храмот на св. Георгиј и овој празник е познат како Ѓурѓиц.

На иконата св. Георгиј  е претставен како војвода како на коњ ја убива ламјата која што се наоѓа под копитата на коњот. И во легендите се раскажува, а и во песните се пее  дека светецот навистина ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Преку убиството на ламјата симболично е прикажан придонесот на светецот во борбата и победата над негативните демони. На иконата во позадина се гледа женски лик што ја претставува царицата Александра која што исто така свесно се жртвувала, исповедувајќи ја истата вера како и светецот Георгиј Победоносец.

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овжарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок.  Празници според обичаите слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му  принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.

Кај нашиот народ со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна пословица се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на вегетацијата воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.  Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките.  На билје  се оди во блиските шуми  каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл.  Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат  билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни, како што се пее во една песна од зборникот на Васил Икономов:

Кинисале ми, кинисале ми, двесте девојки,

Двесте девојки, двесте девојки, триста невести,

Да ми одат да ми одат на билје брање.

Двесте девојки, двесте девојки, билје копаје,

Триста невести, триста невести, цвеќе береје,

Цвеќе береје, цвеќе береје, венци виеје,

Венци виеје, венци виеје, на мошки деца.

Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнува со гранки од леска и со кукурек. Според верувањето потката  треба да ги чува објектите и предметите од разни опасности, болести и други несреќи, а нивите заедно со бериќетот од  секаква штета, од пороен дожд, од штетни животни, инсекти, болести и сл. Со леска се запотнуваат нивите леите, куќите плевните и други поголеми објекти. Леската според народното верување е сигурен заштитник особено од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, а удира само во дрво под кое седи ѓаволот.

И кукурекот во народното верување има значајно место. Со кукурек се запотнува по вратите од куќите и плевните, потоа се става на креветите, ковчезите, амбарите, стомните,  на бутинот, на каците, на бочвите, на плугот, јаремот, на колата итн. Вечерта спроти празникот кога билјарките одат на билје, бараат еден машки кукурен – самак (на едно место да има само еден корен). Го врзуваат со црвен конец и го оставаат да стои преку ноќта. Утрото на Ѓурѓовден пак се оди на билје и тој кукурек со мотика се откопува од корен. Со тој корен преку годината се лекуваат разни болести кај стоката. И вечерта спроти празникот и утрото на самиот ден кога се берат билките се пеат песни познати како билјарски песни во кои се опева токму тој чин, берењето на билките, запотнувањето, крмењето на стоката и др.

Ајде на билје бела Билјано,

Билје да бериш, стадо да крмиш,

Стадо да крмиш, стадо братово,

Стадо братово од брат Јанкула...

Од разните билки утрото на Ѓурѓовден се крми стоката. Билките се дробат на ситни делови, им се додава еден полжав што утрото го донесле билјарките, и тој издробен на ситни делови, се додаваат трици и сол и со таа крма се крми стоката со верување дека  ќе биде поотпорна на болести во текот на целата наредна година.

И вапцувањето јајца со црвена боја има значајно место во ѓурѓовденските празнувања исто како и во велигденските. Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе” и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе”, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело” за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје).

Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева огојка, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност, (долговечност), огојката – гоење, каменот -  цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а и копривата во народните верувања поседува магиска моќ. При лулањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката. Така друга песна се пее на мало дете, друга на девојка или  на момче, поинаква  на невеста итн.

Со Ѓурѓовден се поврзани и други обичаи и верувања.  Така на пр. на тој ден рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар поставен на некоја гранка од зелено дрво, девојките си ги намачкуваат косите со јајце за да им бидат полни и густи како јајцето и гатаат за да го дознаат идниот брачен другар. Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.

Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Георгиј ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла  место на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија е раскажана е во  преданија и е опеана во некои песни:

Кинисал ми свети Ѓорѓија,

Кинисал ми на ден Ѓурѓовден,

кинисал ми на потка да одит,

да запотнит нивје и ливаѓе.

Кога беше сред поле широко,

Ги сусрете она суро ламја,

тој е извај него остра сабја,

Е пресеже она сура ламја.

Потекоа три силни порои,

Први порој се бела пченица,

Други порој она рујно вино,

Трети порој се руди јагниња.

Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде топло летото и да биде богат бериќетот. Но и обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне и сл. упатуваат на тоа Ѓурѓовден да го сметаме за сточарски празник. Како и да е очигледно е дека се работи за голем празник во кој следиме повеќе слоеви на паганската и христијанската религија.

Од гранка в гранка, ај Ѓурѓе ле,

јунаку в рака.

Викум вукаше фидан Јован, Ѓурѓе ле:

- Кротко фрлајте, ај Ѓурѓе ле,

моето моме!

Да не ми падни, ај Ѓурѓе ле,

да се отепа.

Јаже јажливо, ај Ѓурѓе ле,

дрво црвливо

дрво шупливо, ај Ѓурѓе ле,

место  камливо.

Чекај ја чекај, фидан Јован,

у десна рака,

у десна рака фидан Јован

у лева пола.

(Подготви Марко Китевски)

 

На прво место

News image

Македонија е убедливо најлош пример на борба со епидемијата во Европа

Тормозењето на граѓаните не значи дека СДСМ има стратегија и мерки против епидемијата. Македониј...

Историја

News image

Илинденските топчиња изработени од монасите на Бигорскиот Манастир

За „Македонска нација“ ги изнесе своите сеќавања 93 годишниот Блаже Јанкуловски-24 Јуни 2009 г.

Иселеници

News image

Сеќавање: 30 години од смртта на Јован Кокаловски

ПОЕТ, НОВИНАР И ОПШТЕСТВЕНИК На 30 мај 2020 година се н...

Култура и туризам

News image

ПРВИОТ РИМСКИ ИМПЕРАТОР ШТО ГО ПРИЗНАЛ ХРИСТИЈАНСТВОТО

3 јуни е празникот на светите рамноапостолни цареви Константин и Елена. 4 јуни е празникот на св...

Фељтон

News image

БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (23)

КОЛОНИЗАЦИЈАТА НА ТЕБА ОД ФЕНИКИЈЦИТЕ - ДЕЛ I

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.