Среда, 09 Декември 2015    Печати
Александар Везенков – Косарин

mak-glasАлександар Петривич Везенков – Косарин (9. XII 1867  – ?) е македонски деец и драмски уметник. Студирал во Москва и Одеса. Како член на Македонското научно-литературно друштво во Санкт Петербург (Петроград) тој е поборник на независна македонска држава. Полемизира со руските славјанофили, а во 1913 година заедно со Димитрија Чуповски, Наце Димов и Гаврил Константиновиќ го потпишува Меморандумот за независноста на Македонија предаден до конференцијата на пратениците на големите држави во Лондон.

Александар Везенков е роден на 9 декември 1867 година во Крушево, во познато револуционерно семејство. Константин, Стојан и татко му Петар биле синови на Иван Везенков од Тресонче, доселен во Крушево. Константин завршил медицински факултет и бил воен лекар во Русија, а Стојан станал познат архитект и револуционер, кој со поддршка на српските и руските дипломатски преставници работел на ослободување на Македонија. Константантин и Стојан Везенков учествуваат во Руско-турската војна (1877–1878), а како последица од раната која ја добил за време на војната, Константин починал година потоа.

Имајќи го во предвид високиот патриотизам на Константин и Стојан Везенков, руската влада им доделува на синот на Стојан, Владимир Везенков и неговиот братучед Александар Везенков стипендија. Тргнувајќи по стапките на своите познати роднини, Александар преку Букурешт заминал за Петроград, Русија, каде се обидел, но не успеал да се запише на Военомедицинската академија. Во 1890 година станал студент на Московскиот и потоа се префрлил на Правниот факултет во Новорусискиот универзитет во Одеса, каде студирал од 1891 до 1895 година.

Владимир кој успешно го завршил военото училиште во Москва, уште како студент учествува во работата на студентско друштво кое има за цел пропаганда и собирање на материјални средства за ослободување на Македонија и Одринско. Во овие активности се вклучува и Александар, кој освен на ослободителното дело, животот му го посветува на театарот.

Привлечен од театарот, во 1908 година тој организира група од оперски и драмски артисти „со цел да приредува драмски и оперски вечери со дела од руски автори“. Оваа група прераснува во Руски драмски театар и под директорство на Александар гостува со приредби во славјанските земји во текот на 1910 и 1911 година.

Настаните по Првата балканска војна во 1912 година, во кои Србија, Бугарија и Грција ќе ја распарчаат Македонија, а турското ропство на македонскиот народ го заменуваат со христијанско, го вознемируваат Александар и целата македонската емиграција во Русија .

Како соработник на Македонското научно-литературно другарство во С. Петербург, Александар го потпишува првиот Меморандум на ополномоштените Македонци од Санкт Петербуршката македонска колонија до Лондонската конференција. Меморандумот за независност на Македонија од 1 март 1913 година. преставува драматичен повик, во кој македонските емигранти во Русија протестираат против распарчувањето на Македонија меѓу балкански држави Бугарија, Србија и Грција и бараат независност на Македонија. Во овој значаен документ потпишан од Димитрија Чуповски, Наце Димов, д-р Гаврил Константиновиќ и Александар Везенков, објавен и во Македонски глас, меѓудругото се вели:

„ ...Сега Македонија одново е ослободена. Но Европа е готова да ја направи истата грешка што беше направена во 1878 г. Наместо Македонија да се прогласи за самостојна држава, нејзините нови ослободители решија да ја разделат меѓу себе; ние сме убедени и длабоко веруваме дека свесниот и демократски дел на бугарскиот, грчкиот и српскиот народ не учествуваат во оваа братоубиствена поделба на македонскиот народ Меѓутоа, Македонија располага со сите природни и историски права на самоопределување. Низ сите векови таа беше самостојна политичка единица, или влегуваше во состав на друга држава. Ова произлегува од нејзината географска целина и особеност. Границите на Македонија јасно се означени со планинските вериги што ја окружуваат и со морскиот брег. Оваа географска целина и целиот систем на плодородни долини и полиња расположени како лепеза ја обусловуваат исто така економската целина и неделивоста на земјата. Еднородно е, исто така, и населението на земјата. Според податоците од разни авторитетни истражувачи, 2/3 од населението на Македонија претставуваат посебно славјанско племе. За да се одбегнат во иднина какви и да било триења меѓу народите што и се соседни на Македонија, за да им се даде можност и на помалку значајните групи од други народности што се замешани во славјанските маси: Албанци, Грци, Власи, Турци и Евреи - да имаат слободен и непречен национален живот, единствениот пат е да се создаде слободна независна Македонија...“

Во овој период Александар Везенков е особено активен и воДруштвото за славјанска заемност, во мај 1913 година, одржува јавно предавање „Улогата на македонското население во Балканската војна и неговиот однос кон сојузниците“. Исто така тој често настапувал заедно со Д. Чуповски и Н. Димов во расправите на славјанските собири за македонското прашање.

Од името на „македонските автономисти“ Александар реагира и до весникот „Рѣчь“ за пишувањето на славјанофилите во весникот „Новое время“ за условите за српско-бугарското зближување, при што потсетува:

„Автономна Македонија беше неопходна за зацврстување на славјанското обединување под моќната егида на Русија... Во свое време ние македонските автономисти не еднаш им укажувавме на мнозина и на некои од славјанољубите политичари од ,Ново Време‘ дека ако Русија допушти да се подели Македонија, тогаш словенската идеја ќе се разбие како морски бран од гранитната стена (Македонија) и ќе може да се видат само капките при паѓањето за да исчезнат на дното на морската шир, од каде што никакви ,славјанофили’ не ќе можат веќе да ја извадат“.

Александар Петривич Везенков – Косарин останува со рускиот театар се до пензионирањето.

(извор: Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009)