Среда, 31 Август 2016    Печати
Константин Трпков - Буфски

bufskiПоп Константин Трпков – Буфски (меѓу 1815 и 1820 – 1897) е македонски културно-просветен деец и револуционер, свештеник и војвода. Тој бил еден од организаторите на заговорот против османлиската власт во 1862 година. По откривањето на заговорниците издржал 16 години заточение во Битолскиот и во Солунскиот затвор. Учествувал како војвода на чета во Кресненското востание (1878/1879). Учествувал во работата на Народното собрание на Македонија на Гремон Теке и во Привремената влада на Македонија (1880–1881).

Константин Трпков е роден меѓу 1815 и 1820 година во леринското село Буф, Егејскаиот дел на Македонија. Се образувал во родното место Буф и во Битола, а по 1850 година бил свештеник во Битолската епархија. Од млади години задоен за ослободителното дело, поп Константин или Костадин (Коста) Буфски учествувал во црковно училишната борба против фанариотската Цариградска патријаршија за отварање на славјански црковно-училишни општини и во револуционерниот заговор на Леонидас Вулгарис против османлиската власт.

Во 1862 година, по предавството на тогашниот фанариотски митрополит Венедикт Пелагониски, бил откриен заговорот за кревање на востание во Битолско, а османлиските власти го фатиле поп Костадин Буфски заедно со Спиро Џеров и дванаесет други лица. Поп Буфски бил осуден  и издржал 16 години заточение во Битолскиот и во Солунскиот затвор.

По излегувањето од затвор Костантин Буфски е свештеник во родното село, каде бил иницијатор за отварање на училиште на мајчин (македонски) јазик. Потоа зел учество во Македонското востание (Кресненско) во 1878/79 година. Всушност главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци - учители, трговци, свештеници итн. Меѓу најангажираните во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Охридски, учителот Димитар Поп-Георгиев Беровски, војводата Стефо Николов и поп Коста Буфски, како и неколкумина други македонски војводи.

По неуспехот на востанието, во април 1880 година кај месноста Гремен теке крај Острово (градче во Егејска дел на Македонија) се сретнале четите на поп Костадин Буфски и Леонидас Вулгарис, македонец син на Атанас Вулгарис учесник во грчката војна за независност. Во разговорите кои ги воделе, двајцата констатирале дека најголема вина што Македонија сеуште е под осмамнлиската власт ја сносат Грците, Бугарите и Србите. Тие сметаат дека иднината на Македонија е во создавање на самостојна македонска држава и свикуваат собрание.

Во организација на Буфски и Вулгарис, од 21 мај до 2 јуни 1880 година, во месноста Гремен теќе крај градчето Острово, било одржало основачкото Национално собрание на кое присуствувале 32 претставници од цела Македонија. На Собранието кое било составено од Македонци, Власи и Албанџи,  била усвоена политичка програма и избрана Привремена влада на Македонија - „Единство“. За претседател на Националното собрание бил избран Стефо Николов, за претседател на владата Васил Симон, а за военото прашање биле избрани како најискусни Леонидас Вулгарис и Косгадин Буфски.

Од името на Владата бил упатен апел до големиге сили за праведните барања на македонскиот народ за ослободување на Македонија. Апелот е придружен со Протоколното решение на Македонското национално собрание во кое меѓудругото стои: „Доколку Високата порта се оглуши од членот 23 од Берлинскиот договор, Националното собрание ќе го повика македонското население на оружје со девиза Македонија за Македонците, за воспоставување Древна Македонија".

Меѓу најзначајните акти на Привремената влада на Македонија, во која се наоѓа и Буфски, е секако Манифестот од 23 март 1881 година испратен до сите дипломатски претставници. Во Манифестот упатен до „вистинските Македонци, верни на татковината”, се вели: „Дали ќе трпите нашата мила земја да пропадне? Погледајте ја како е покриена со ропство и рани, коишто ѝ ги направија соседните народи. Видете ги нејзините тешки синџири, коишто ги произведува султанот. Наоѓајќи се во таква немоќ и гледајќи ја целата расплакана, нашата мила Македонија, нашата драга татковина Ве вика: Вие, коишто сте мои верни деца; вие, коишто по Аристотел и Александар Велики сте мои наследници; вие, в чиишто жили тече македонска крв, не ме оставајте да умрам, помогнете ми. Каква тажна глетка за вас, вистинските Македонци, тоа ќе биде, ако станете очевидци на моето погребение. Не, не, ете ги моите крвави грозни рани, ете ги моите тешки синџири: скршете ги, излекувајте ги моите рани; напишете на знамето, коешто ќе го подигнам: „Единствена и обединета Македонија!”

Поп Буфски бил забележителна личност кој целиот свој живот го посветил на борбата на црковна и национална слобода на македонскиот народ. Иако омразен и прогонуван од фанариотското духовништво и осмалинските власти, потоа апсен и затваран, поп Буфски сите тешкотии стоички ги поднесувал. Тој со своите луѓе се движел низ Македонија и го будел националното чуство кај македонскиот народ.

Поп Константин Трпков – Буфски кој е еден од позначајните македонски револуционери од времето на македонската преродба во XIX  век починал во Ќустендил околу 1897 година.