Среда, 28 Февруари 2018    Печати
Георги Скрижовски

GeorgiSkrijovskiГеорги Радев Иванов, познат како Георги Скрижовски  (1882 - 25. II 1925) е македонски револуционер, деец на ТМОРО. Педагошкото училиште завршил во Сер, каде што станал член на ТМОРО. Учителствувал во повеќе села и бил раководител на ТМОРО за Драмска околија, борец во четата на Димитар Гуштанов, секретар на Јане Сандански (1902), а потоа разлошки војвода. По Младотурската револуција бил еден од основачите на Народната федеративна партија (1908- 1910). Бил член на Привременото претставништво на Обединетата бивша ВМРО и потписник на Апелот од 9 март 1919 година.

Георги Скрижовски е роден во 1882 година во сиромашно семејство во селото Скрижово, Драмско, Егејскиот дел на Македонија. Учел во своето родно село, а потоа во 1896 година го завршил Педагошкото училиште во Сер. Уште како ученик влегува во Македонската револуционерна организација (ТМОРО), привлечен од еден од своите професори Димитар Гуштанов од Крушево.

По завршувањето на педагошкото училиште извесно време бил учител во селата Горно Броди (Серско), Горни Порој (Демирхисарско) и во родното Скрижово, каде е на чело на револуционерниот комитет. Во овој период тој ја зголемува ревулуционерната активност и ги зајакнува комитетите во соседните села.

Во 1902 година Скрижовски бил принуден да помине во илегала, бидејќи бил откриен од турски чиновник заедно со четата на Илија Крчовалијата во куќата на кметот во неговото родно село. Скрижовски успеал да избега, но кметот бил уапсен и испратен на робија. Прво влегол во четата на Димитар Гуштанов, а потоа и на Илија Крчовалијата. Во 1903 година бил во четата на Гоце Делчев и учествувал во минирањето  на мостот на реката Ангиста.

Георги Скрижовски учествувал во Илинденско востание како секретар на четата на Јане Сандански.  По востанието, на првиот редовен конгрес на Серскиот револуционерен округ во 1905 година, тој бил избран за разлошки околиски војвода и формирал своја чета.

Во 1906 година Скрижовски станал член на Серскиот окружен револуционерен комитет. Истата година бил делегат на Вториот редовен конгрес на револуционерниот округ, а во наредната 1907 година бил и на Третиот редовен конгрес, каде бил реизбран за член на Окружниот комитет.

Во овој период тој работел на обновата на организацијата во Разлог и ги зголемил комитетите. Истовремено тој работел и на зголемување на нивото на образование на населението.

Во периодот од 1908 – 1910 година, за време на Младотурската револуција, Скрижовски бил во одредот на Сандански и учествувал во Походот на Цариград. По Младотурската револуција бил еден од основачите на Народната федеративна партија.

Скрижовски зел учество и во Балканските и Првата светска војна. Во првата Балканската војна во 1912 година, тој бил доброволец во Македонско-одринското ополчение и служел во 15-тата штипска дружина. Со мала чета учествувал во ослободувањето на Драма. Потоа учествувал во Вората балканска војна во 1913 година и во текот на Првата светска војна бил војвода на чета со која дејствувал во заднината како поткрепа на бугарската армија.

По војните се населил во Ксанти, а откако градот бил одвоен од Бугарија во 1919 година жовеел во Свиленград.

Георги Скрижовски како член на Привременото претставништво на Обединетата бивша ВМРО бил потписник на Апелот од 9 март 1919 година до Париската мировна конференција.

Скрижевски ги прифатил социјалистичките идеи и станал член на БКП. Тој одржувал врски со Димо Хаџи Димов.

Георги Скрижевски бил убиен на 25 февруари 1925 година во Свиленград од страна на врховистите. Личното оружје на Георги Скрижовски се чува во Регионалниот историски музеј во Благоевград.