Среда, 20 Јуни 2018    Печати
Антоние Шкоклев

antonie-skolevАнтоние Шкоклев (24. IX 1923) е истакнат научник од Македонија, максилофацијален хирург, редовен професор на ВМА. Бил учесник во НОБ, а по 1945 година се демобилизирал како санитетски референт на бригада. Завршил општа медицина во Белград, каде што дипломирал во 1950 година. Специјализирал максилофацијална хирургија во 1962 и докторирал во 1965 година. Од 1972 година, дваесет години, до пензионирањето бил началник на Клиниката за максилофацијална хирургија при ВМА. За член на МАНУ надвор од работниот состав е избран на 24. VI 1986 г. Едуцирал преку 700 лекари од земјата и од странство. Покрај стручни книги, со љубов ја проучува античката историја на Македонија, за која издава и книги.

Антоние Шкоклев е роден на 24 септември 1923 година во село Д’мбени, Костурско, Егејскиот дел на Македонија. Во текот на Втората светска војна учествувал во Народно-ослободителната борба, а по 1945 година се демобилизирал како санитетски референт на бригада.

Студиите по општа медицина Антоние Шкоклев ги продолжил во Белград, каде што и дипломирал во 1950 година. Специјалистичкиот испит по максилофацијална хирургија го положил во 1962 година, а потоа докторирал на ВМА во 1965 година. Во 1970 година Шкоклев специјализирал и орална хирургија.

Антоние Шкоклев кој е санитетски полковник од 1967, а генерал-мајор од 1984 година, ја основал Клиниката за максилофацијална и орална хирургија при ВМА и од 1972 година, дваесет години, се до пензионирањето бил началник на Клиниката.

Во 1972 година Шкоклев бил избран за вонреден професор на ВМА, а за редовен во 1977 година.  Тој постојано го надградувал своето знаење. Бил на усовршување во Лондон и во други европски центри, како и во САД. Во Кина ги совладал проблемите на акупунктурата, за која напишал и 10 книги.

Антоние Шкоклев е автор и на околу 260 стручни и научни трудови, кои претежно се од областа на реконструктивната лицева хирургија, туморите, како и огнено-стрелните трауми. Дел од неговите книги се преведени на повеќе јазици. Тој учествувал на бројни научни собири во земјата и во странство (Париз, Цирих, Венеција, Хамбург, Виена, Каиро, Кантон).

Како врвен хируршки стручњак, наставник и педагог Антоние Шкоклев учествувал во едукацијата по максилофацијална и орална хирургија на повеќе од 800 лекари од Југославија и странство и дал свој придонес за развојот на овие млади дисциплини, посебно во Македонија.

Како професор по покана предавал во познати светски медицински центри. Поради својот углед на стручњак со широк дијапазон на истражувања, познат и признат во светот, од страна на Светската здравствена организација ( WHO ) Антоние Шкоклев е избран за консултант по хирургија. Работел како специјален советник при Европскиот центар за мир и развој на Обединетите нации во Белград и раководел со медицинскиот програм.

Неговата голема љубов кон својата татковина Македонија ја изразува преку едукацијата на повеќе македонски лекари на Клиниката, во која подолго време беше директор (ВМА). Со љубов ја проучува античката историја на Македонија, за која издава и книги.

Антоние Шкоклев  е член  на многу стручни и научни светски асоцијации, но и на Друштвото на книжевниците на Србија.

Антоние Шкоклев е избран за член на МАНУ надвор од работниот состав на 24 јуни 1986 година.