Среда, 18 Јули 2018    Печати
Иван Аговски

ivan-agovski

Иван Серафимов Аговски (24. VI 1887 - 1925) е македонски револуционер, просветен деец, социјалист и публицист. По завршувањето на вишото образование, учителствувал во Кичево и учествувал во тамошниот учителски бунт  во 1908 година. Бил активист на Скопската социјалдемократска група, а подоцна се вклучил во комунистичкото движење Соработувал со весникот „Социјалистичка зора“ во Скопје (1919 - 1921), а како емигрант во Софија го издавал „Советска Македонија“ (1921 - 1925). Поради залагањето за македонскиоте национални права бил уапсен и убиен.

Иван Серафимов Аговски е роден на 24 јуни 1887 година во Дебар. Основно училиште завршил во родниот град, а потоа своето образование го продолжил на Педагошкото училиште во Скопје. Но, поради членство во социјалистички кружок, бил исклучен од Педагошкото училиште во Скопје во декември 1905 година. Сепак, Аговски успеал да го заврши вишото образование.

По завршувањето на вишото образование, Иван Аговски учителствувал во Дебар, Тетово и Кичево и учествувал во тамошниот учителски бунт во 1908 година.  

Во текот на 1910 и 1911 година, Иван Аговски бил активист на Скопската социјалдемократска група. Својата определба ја продолжува и по Балканските и Првата светска војна.

По Првата светска војна тој станал соработник на весникот „Социјалистичка зора“, кој излегува од 10 февруари до 10 декември 1920 година во Скопје, до објавувањето на „Обзнаната“ со која се забранува работата на Комунистичката партија, која триумфираше на изборите во Србија и Македонија во август истата година.  

Со група истомисленици Иван Аговски ја подржувал III  комунистичка интернационала. Меѓутоа, прогонуван од српските власти, тој емигрирал во Бугарија во 1921 година.

Во периодот од 1921 до 1925 година, Иван Аговски како емигрант почнал да се занимава со публицистичка дејност во Софија. Од 8 март 1923 година тој почнал да го издава весникот „Советска Македонија“ (Съветска Македония), под слоганот „Македонци од сите страни обединете се“

Иван Аговски преку весникот „Советска Македонија“, се залагал за македонските национални права и обединување на поделена Македонија. Поради своите заложби бил уапсен од бугарските власти и убиен во првата половина на 1925 година.

(извор: ЕМ, Скопје, 2009 г. стр. 13)