Среда, 26 Септември 2018    Печати
Крсте Трајков

Kryste Traykov Resensko IMARO portraitКрсте Трајков (1865 – 7. I 1942) е македонски револуционер и деец на Македонската револуционерна организација (МРО). Прво дејствувал како четник, а потоа како околиски војвода во Преспа. Познат и како Крсто Ресенски, учествувал во Илинденското востание 1903 година, во балканските војни 1912 и 1913 година. Во 1923 година заминува во САД, каде што учествува во организацијата на новосоздадената Македонска патриотска организација. Во 1930 година, во писмо до Централната управа на МПО во Индијанаполис, САД, тој бара востановување на одделна македонска црква и ја нагласува посебноста на македонскиот народ.

Красте Трајков е роден во 1865 година во ресенското село Горно Крушје. Тој се вклучил во активностите на ;акедонската револуционерна организација, заедно со својот брат Иван Трајков, кој бил убиен во 1905 година. Красте дејствувал прво како четник во Охридско, а потоа бил назначен за околиски војвода во Преспа.

Во 1903 година, за време на Илинденското востание, Красте Трајков како војвода во Преспа водел многу битки со турскиот аскер во Горно Крушје, Лева Река, Кривени, Болно, а во Волкодери (заедно со Георги Шкорнов) бил тешко ранет, но успеал да избега. По востанието, за разлика од многу други војводи,  тој останал со народот во Македонија.

Во 1904 година Крсте Трајков бил во четата на Спиро Олчев. Од 1905 година, тој бил нзначен за околиски војвода во Ресенско, а во 1906 година, во време кога како сарафист бил во конфликт со комитетот во Битола, се сретнал со Алберт Сониксен. За време на Младотурската револуција, на нивно барање, тој се сретнал и со Ахмед Нијази бег во Битола.

Во Првата балканска војна  во 1912 година, Крсте Трајков  бил војвода на партизански чета бр. 56 на Македонско-одринското ополчение, со која го ослободил Ресен. Подоцна во Втората балканска војна тој бил во Збирна партизанска единица.

По окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија од Србија и Грција, Трајков се приклучил со својата чета во отпорот и бил ресенски војвода на ВМРО. Во 1919 година тој бил уапсен од страна на српските власти и бил во затвор 3 години.

По ослободувањето, заминал прво во Бугарија, а потоа во 1923 година заминал во САД, каде учествувал во организацијата на Македонската патриотска организација (МПО).

На 24 септември 1930 година, Крсте Трајков испратил писмо до Централната управа на МПО во Индијанаполис, САД, во кое бара востановување на одделна македонска црква. Во него, тој јасно ја нагласил посебноста на македонскиот народ истакнувајќи ги етничките и етногенетските разлики меѓу Македонците, Бугарите, Србите итн.:  „ ...Барем да застанеме цврсто на тоа што го проповедаме - дека сме Македонци и ништо друго, бидејќи и онака јас одамна тврдам дека со Бугарите сме само пара-браќа, како што сме и со останатите славјански народи, имено: Македонецот е по крв Славјанин помешан co Старо-македонци ; Бугаринот е мешавина од Славјаните и аспаруховите ,,волгари`` ; Србинот може да е чист Славјанин, но не тврдам; Pycите изгледа, се чисти Славјани, но, не и Бугарите, или Македонците, зашто кога Славјаните дојдоа на Балканот, не го истребија стариот тамошен народ за 2 часа, туку се женеа со тоа население.“

Во почетокот на 1930 година Крсте Трајков повторно дошол во Бугарија. каде се приклучил кон михајловистичкото крило на ВМРО. По Деветомајскиот преврат од 1934 година, тој како и другите членови на распуштената ВМРО беа уапсени од новата власт.

Во текот на Втората светска војна, по бугарската окупација на Македонија во 1941 година, тој се вратил во својот роден град и бил поставен за градоначалник на Ресен.

По тешко болеедување Крсте Трајков или Крсто Ресенски починал на 7 јануари 1942 година во Ресен. Бил погребан во храмот "Св. Св. Кирил и Методиј" во Ресен. Неговиот син, Борис Трајков, бил убиен од комунистите на островот Голем град во Преспанското Езеро кон крајот на 1944 година како соработник на бугарските власти.