Среда, 31 Октомври 2018    Печати
Лазар Велков

Lazar Velkov Divlianec IMROЛазар Велков (? - 24. IX 1924) е македонски револуционер и војвода на Македонската револуционерна организација. Во 1909 година, непосредно по Младотурската револуција, активно се вклучил во македонското националноослободително движење. Познат како Дивљански или Дивљанец, по Првата светска војна како војвода на чета дејствувал во Скопско. Загинал во оружен судир со српската жандармерија.

Лазар Велков е роден во скопското село Дивле, тогаш во Отоманската империја. По професија е ѕидар. Во 1896 година се приклучил на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација. Лазар го предводел селскиот комитет во Дивле и извршувал курирски задачи.

Во 1906 година, Лазар Велков бил уапсен од страна на властите и осуден на 15 години затвор. Меѓутоа две години потоа, по Младотурската револуција во 1908 година, тој бил амнестиран.

Непосредно по Младотурската револуција, во 1909 година, тој активно се вклучил во македонското националноослободително движење, а наредната 1910 година тој станал скопски војвода на обновената ВМРО.

Лазар Велков - Дивљански учествувал во Балканските војни. За време на Првата балканска војна во 1912 година Велков дејствувал со својата чета во Скопско и им помагал на сојузничките српски трупи. Но, по Втората балканска војна во 1913 година, тој бил уапсен од новите српски власти кои ја окупираа Вардарска Македонија и бил затворен во Белград.

Во 1914 година Велков успеал да избега и во 1915 година се приклучил на чета, со која заминал во Кумановско. Потоа дејствувал со чета во родното Скопје.

По Првата светска војна тој се вклучил во дејноста на обновената ВМРО на Тодор Александров и повторно станал војвода на чета во Скопско.


На 4 октомври 1920 година, четата на Велков влегла во борба кај Орешец, Скопско, со летечкиот одред на српскиот капетан Петровиќ. По неколкучасовни борби, српскиот одред бил разбиен, капетанот Петровиќ бил повреден, а двајца контрачетници биле убиени. За казна, српските власти уапсиле стотици мирни селани во Скопско, Велешко, Кумановско и Штипско, кои биле подложени на брутални репресалии, што предизвикало смрт на 20 лица.

Лазар Велков бил тешко ранет во борба со српската војска во месноста Островица помеѓу селата Живине и Колицко и извршил самоубиство на 24 септември 1924 година.