Среда, 07 Ноември 2018    Печати
Митрополит Методиј

mitropolit-metodijМитрополит Методиј (мирско име Ѓорѓи Попоски) (27. III 1914 – 25. II 1976) е прв владика од обновената Македонска православна црква. Во 1959 бил произведен во протојерејски чин, а во 1965 година е одликуван со највисоко свештеничко одликување во Македонската православна црква – граден крст. На таа должност бил си до замонашувањето и изборот за Велички епископ (12/13. III 1966), во Соборниот храм „Св. Благовештение“ во родниот град Прилеп. Во јули 1967 година бил избран и востоличен за архијереј на Дебарско-кичевската епархија што ја управувал до крајот на животот.

Прота Ѓорѓи Попоски (Митрополит Методиј) е роден на 27 март 1914 година во Прилеп. Своето основно образование го стекнал во родниот град Прилеп, каде завршил нижа гимназија. Во 1935 година завршил  шестокласна Богословија во Битола, а потоа и Филозофски факултет (група историја) на Скопскиот универзитет.

На 27 октомври 1936 година. Ѓорѓи Попоски бил ракоположен за ѓакон, а за свештеник во јули 1937 година. Од 1938 година, Поповски бил вероучител во основното училиште во Прилеп, потоа парох на Прилепската парохија.

За време на Втората светска војна, Поповски бил поставен за парох при црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп во 1941 година.

Во 1959 година прота Ѓорѓи Попоски бил произведен во протојерејски чин, а во 1965 година. е одликуван со највисоко свештеничко одликување во Македонската православна црква – граден крст. На таа должност бил се до замонашувањето/

Поповски бил замонашен од тогашниот Поглавар на Македонската Православна Црква, блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, во метохот на „Свети Наум“ во Битола, на 12 февруари 1966 година. А изборот за Велички епископ  се одржал на 12/13. март 1966 година, во родниот град Прилеп во Соборниот храм „Св. Благовештение“. Наречението и хиротонијата биле извршени од Архиепископот Доситеј и тогашните Епископи на Македонската Православна Црква: Преспанско-битолскиот г. Климент и Злетовско-струмичкиот г. Наум.

Откако извесен период поминал како викарен Епископ, во јули 1967 година. бил избран и востоличен за архијереј на Величката епархија со седиште во Охрид. Со епархијата, која подоцна е преименувана како Дебарско-Кичевска, управувал сѐ до неговото упокојување.

Митрополитот Методиј е еден од многуте архиереи во историјата на Охридската Архиепископија, а денес МПЦ кој ја носел титулата Велички. Тоа е првата титула што ја имал и основоположникот на Охридската Архиепископ, Свети Климент Охридски.

Митрополитот Методиј е еден од првите четворица Епископи на МПЦ избран по нејзиното возобновување и е еден од петтемина членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, кои ја потпишаа историската одлука за прогласување на афтокефалноста на МПЦ, донесена од учесниците на третиот Црковно-народен собор, одржан во Охрид, од 17 до 19 јули 1967 година.

Првиот митрополит на дебарско-кичевската епархија по возобнувањето на Охридската Архиепископија во ликот на Македонската православна црква, митрополит Методиј, починал на 25 фебруар 1976 година, а гробот на блаженоупокоениот митрополит се наоѓа во храмот „Св. Богородица“ – Каменско, во Охрид.