Среда, 19 Декември 2018    Печати
Љубиша Георгиевски

ljubisaЉубиша  Георгиевски

Љубиша  Георгиевски (Битола, 30. V 1937 - 6. XII 2018 ) е македонски театарски и филмски режисер, сценарист, драмски автор, есеист, теоретичар, универзитетски професор по режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (ФДУ). Тој е еден од најзначајните македонски режисери, кој режирал театарски претстави во сите републики на поранешна Југославија, како и во: Полска, Италија, Романија, САД, Бугарија и во други земји. Влегува во политиката и како политичар бил претседателски кандидат (1994), амбасадор во НР Бугарија (2000 - 2004) и претседател на Собранието на РМ (2006 - 2008).

Љубиша Георгиевски е роден на 30 мај 1937 година во Битола. Својата театарска кариера ја започнал во Битолскот народен театар во 1961 година со дебитанската поставка „Потоп“ од Уго Бети. Дипломирал на “Академијата за театар, филм, радио и телевизија”, група “Театар и радио режија” во Белград, 1974 година.

Георгиевски е еден од најзначајните македонски режисери. Режирал над 160 театарски претстави во сите републики на поранешна Југославија, како и во: Полска, Италија, Романија, САД, Бугарија и во други земји. Инаку, зборувал повеќе јазици меѓу кои англиски, француски, италијански, руски, бугарски, а се служи и со словенечки, полски и романски.

Тој е режисер на врвните претстави како: „Покојник“, „Отело“, „Хамлет“, „Јулиј Цезар“, „Македонски состојби“, „Црнила“, „Хај-фај“; „Еригон“; „Лет во место“; „Тартиф“; „Р“; „Свадбата на Мара“; операта „Болен Дојчин“ и балетот „Македонска повест“.

Покрај театарски, тој режира на текевизија, како и филмови и тоа: „Под исто небо“; „Планината на гневот“; „Република во пламен“; „Цената на градот“.

Георгиевски е автор на книгите: „Свет и сон“; „Онтологија на театарот“; „Феноменологија на театарот“; „Технологија на судбината“; „Вежби по актерско мајсторство“; „Политичката иднина на Македонија“; „Претседателски кандидат“; драмите „Филоктет“ и „Армагедон“ и бројни написи како колумнист.

Георгиевски предавал театарска режија и глума на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот во Скопје. Како визитинг професор тој предавал театарска онтологија и феноменологија и на Универзитетот во Јужна Калифорнија и Универзитетот во Тексас.

За својата работа тој е добитник на повеќе од двесетина награди. Добитник е на наградата "Октомври 11", награда на Здружението на драмски уметници во Социјалистичка Република Македонија (1962), Војдан Чернодрински (1965, 1990, 1994), Стерја (1965, 1981), Златниот венец (1969, 1974, 1976, 1977, 1978), наградата на Здружението на театарски работници на Босна и Херцеговина (1972), Јоаким Вуич (1974) и т.н.

Љубиша Георгиевски исто така се занимавал со политика. Бил член на една од најголемите македонски партии ВМРО ДПМНЕ. На претседателските избори во 1994 година Георгиевски бил претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2000 до 2004 бил вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Бугарија, а од 1 август 2006 до 21 јуни 2008 година претседател на Собранието на РМ.

Љубиша Георгиевски починал на 6 декември 2018 година.

(извор: МЕ, Скопје, 2009)