Среда, 13 Февруари 2019    Печати
Александар Матковски

matkovskiАлександар Матковски

Александар Матковски (30. V 1922 - 14. IV 1992) е македонски историчар-ориенталист, прв доктор на историски науки и академик, член на Македнската академија на науките и уметностите (МАНУ). Автор е на познатото хералдичко дело „Грбовите на Македонија“

Александар Матковски е роден на 30 мај 1922 година во Крушево. Подолго време живеел во Гостивар, до 1936 година, а потоа се преселил во Скопје. Како член на КПЈ и учесник во НОБ од 1941 година, тој бил уапсен  на 2 јуни 1942 година и како малолетник осуден на 10 години строг затвор. Матковски казната ја издржувал во Скопје, Варна и во скопскиот затворот Идризово, се до бегството на 29 јули 1944 година.

По бегството од затворот, Матковски се вклучил во Петтата македонска НО бригада на НОВ и ПОМ. Во затворските денови напишал голем број песни на македонски јазик, зачувани во Архивот на МАНУ, Дел од нив биле објавени по Ослободувањето.

Во годините по Втората светска војна, Александар Матковски ја завршил Учителска школа во Скопје во 1947 година и дипломирал на Педагошката школа во Белград во 1949 година. Потоа тој го продолжил своето образование и завршил на Филозофскиот факултет (Група историја) во Скопје во 1951 година, докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб со темата „Ѓурчин Кокалески (1775-1863)“ во 1957 година и дипломирал и на Филолошкиот факултет во Белград - група за ориентална филологија во 1961 година.

Додека се школувал, Александар Матковски до крајот на 1954 година бил вработен како учител и професор во разни осумгодишни и средни училишта, а потоа од 1 јануар 1954 година  ја почнал научната кариера и ја заокружил со изборот за научен советник во Институтот за национална историја  (ИНИ) она 19 февруари 1971 година па се до пензионирањето во 1987 година.

Александар Матковски повеќе години бил на студиски престои во Каиро, Багдад и Истанбул. Покрај османлискиот период, тој се занимавал и со други теми од македонското минато, како и со историјата на Евреите во Македонија. Тој е автор е на познатото хералдичко дело „Грбовите на Македонија“

Меѓу негови дела ги бележиме: „Ѓурчин Кокалески (1775-1865), прилог кон прашањето за создавање на селска, сточарска трговска буржоазија во Македонија“, Скопје 1957;  „Хроника на земјотресот во Скопје“, Скопје 1964; „Грбовите на Македонија“, Скопје 1970; „Уште една Мариовска буна (1688/89 год.)“, Скопје, 1970;  „Диетот-Крвнината“, Скопје 1973; „Крепосништвото во Македонија“, Скопје 1978; „Историја на Евреите во Македонија“, Скопје 1983; „Отпорот во Македонија“, Скопје 1983; „Македонскиот полк во Украина“, Скопје 1983;

Во 1986 година, Александар Матковски станал дописен, а од 7 мај 1991 година бил и редовен член на МАНУ.

Александар Матковски починал на 14 април 1992 година во Скопје.

(извор: МЕ, том II. Скопје, МАНУ, 2009. стр. 928.)