Среда, 27 Февруари 2019    Печати
МАНУШ ГЕОРГИЕВ ТУРНОВСКИ (МАНУШ ВОЈВОДА)

1

МАНУШ ГЕОРГИЕВ ТУРНОВСКИ (МАНУШ ВОЈВОДА)

На денешен ден пред 111 години, 20 фебруари 1908 (7 фебруари по стар стил), во битка со турскиот аскер кај селото Долна Рибница, Петричко, Пиринска Македонија, загинува војводата Мануш Георгиев, познат меѓу народот како Мануш Турновски.

Роден е на 23 август 1881 година во струмичкото село Турново. Детството го поминува во Ново Село.

Завршува прогимназија во Струмица, а потоа продолжува со школување во педагошкото училиште во Сер, каде веднаш започнува со револуционерна дејност и е раководител на ученичкиот револуционерен кружок.

Во 1903 година е исклучен од училиштето заради организирање на бунт против директорот.

Истата година станува илегален, и се приклучува на четата на Христо Чернопеев.

Во 1904 година станува околиски војвода во Петрич.

Ги обиколувал македонските села, и како даровит оратор држел слово за револуционерната борба. По цели часови Мануш говорел за Македонската револуционерна организација и го будел народот за борба.

Како делегат од Струмичкиот округ во 1905 година е учесник на Рилскиот конгрес на Македонската револуционерна организација.

Наредните три години продолжува со својата револуционерна активност да ја зајакнува мрежата на организацијата во Струмичко и Петричко.

На 20 фебруари 1908, на еден таков собир со раководителите на организацијата во селото Долна Рибница, Петричко, македонските револуционери биле откриени од Турците, при што селото било опколено од многуброен турски аскер.

За да не биде запалено селото, војводата Мануш Георгиев ја извлекол четата надвор од селото, и заедно со четата на малешевскиот војвода Васил Скендеров, кај месноста Трнката, започнуваат борба со турскиот аскер.

Во нерамноправната десетчасовна битка со побројната турска војска, загинуваат двајцата војводи заедно со уште 22 македонски комити.

Битката на македонските херои кај Трнката во македонската историја е позната и под името Петричка епопеја.

За херојството на Мануш војвода останува да сведочи познатата песна која македонскиот народ ја испеал за негo:

Стига сме јале, јале и пиле,
вино, ракија и руди јагниња

Развивај бајрак ти Мануш војвода
Развивај бајрак низ Струмичко Поле

Нашите мајки сè у црно одат,
сè у црно одат и за нас жалат

Развивај бајрак ти Мануш војвода
Развивај бајрак низ Струмичко Поле

Нашите сестри бело цвеќе садат,
бело цвеќе садат ама не се китат

Развивај бајрак ти Мануш војвода
Развивај бајрак низ Струмичко Поле.

ВЕЧНА ТИ СЛАВА ВОЈВОДО!

 

 

Formularbeginn

Formularende