Среда, 13 Март 2019    Печати
Силјан Пардов

Silyan Pardov Buf IMAROСилјан Пардов

Силјан Пардов (1857 – 29. V 1903) е македонски револуционер, лерински војвода на Македонската револуционерна организација. Познат како Љубен, учествувал во Илинденското востание во 1903 година.

Силјан Тодоров Пардов е роден во 1857 година во демирхисарското село Цер. Тој е внук на Јоан Пардов, учесник во грчкото востание и во кримските немири.

Силјан Пардов завршил основно училиште. Во 1897 година, како и многу Македонци во XIX век, Пардов заминал на гурбет (печалба) во Романија, каде работел како фурнаџија (пекар) во романскиот град Драгашани.

На повикот на Македонската револуционерна организација македонските печалбари да се вратат во земјата и да се спремат за востание, голем број гурбетчии се организираат и од разни страни од странство доаѓаат во Македонија. Голем дел од нив сами си купуваат оружје за престојната пресметка со вековните поробувачи.

На почетокот на 1903 година Пардов со свои средства формирал чета. Во март истата година, на сопствен трошок од Бугарија пристигнал во Битолско со чета од 30 -35 лица. Меѓу нив биле Вељан Фиданов, Ангел Кокарев, Китан Јошев, Стојан Кацев, Спиро од селото Цер, а останатите четници биле од демирхисарското село Железнец.

Од Георги Сугарев е определено Пардов да биде војвода во реонот на Железнец. Меѓутоа, поради недоволство од страна на Јордан Пиперката, Пардов е прераспределен за војвода на Буф, Леринско, каде дел од четата му приклучува на Димитар Дечев.

На 28 мај 1903 година четата е предадена од шпиони. Ден потоа, на 29 мај 1903 година четата води битка со турскиот аскер кај леринското село Баница, при што загинуваат војводите Георги Папанчев, Евстрати Дачев, Васил Попов и Силјан Пардов, како и 13 четници.  

Телото на Силјан Пардов, како и на останатите загинати востаници, било закопано во дворот на црквата Св. Никола, лоцирана на крајот од селото Баница.

Меѓутоа, по Втората балканска војна во 1913 година, откако Баница припадна  на Грција, гробот на Силјан Пардов и останатите негови соборци бил уништен од грчките власти.