Среда, 24 Април 2019    Печати
Висарион Дебарски

1Висарион Дебарски

Висарион Дебарски (XVI в.) е македонски духовник, јеромонах и книжевен деец од XVI век. Тој еден од најзначајните книжевници од Македонија од овој период и е претставник на Слепченскиот книжевен центар при манастирот „Св. Јоан Крстител“ во село Слепче кај Демир Хисар. Досега се познати околу 30-на негови ракописи, пишувани во период од 1540 до 1565 година. Се потпишувал како Дебарски, а се среќава и како Варлаам. Автор е и на „Слепченскиот поменик“ (1548) и „Слепченскиот писмовник“ (1550).

Висарион Дебарски е роден во почетокот на XVI век во Дебарско. Во текот на целиот свој живот тој е активен книжевник, но како скромен духовник не ги изнесува своите биографски податоци. Самиот се потпишувал како Дебарски, а се среќава потпишан и со името Варлаам. Поради тоа се претпоставува дека е роден во градот Дебар.

Книжевната активност на  Висарион Дебарски е тесно поврзана со Слепченскиот книжевен центар при манастирот „Св. Јоан Крстител“ во село Слепче кај Демир Хисар. Во Слепченскиот манастир тој развива 25 годишна книжевна активност.

Досега се евидентирани околу 30-на негови ракописи. Тие  се пишувани во период од 1540 до 1565 година. Се работи за антологиски зборници на дела на црковни писатели, стиховни пролози, минеи, четвороевангелија, палеа и други средновековни жанровски видови. Висарион Дебарски не работи само на препишување на веќе постојните ракописни книги, туку врши избор на текстови, создавајќи ракописни зборници во кои преовладуваат текстови од филозофско-богословска, догматска, граматичка и полемичка содржина.

Негови ракописи се: „Дионисиј Аеропагит“ (1542), „Посланието на Јован Дамаскин до Козма Мајумски“, „Богословски зборник“ (1540), „Поученија на Кирил Александриски“, „Златоуст“ (1548) и др. Автор е и на „Слепченскиот поменик“ (1548) и „Слепченскиот писмовник“ (1550).

Во прологот за март-август 1554 год. е поместена најголемата збирка патерички раскази што досега е пронајдена од таков тип славјански ракописи. Во ова дело Висарион ги вметнал расказите: „Отец Герасим и лавот“, „За картагенскиот војвода“, „Филозофот Евгариј и епископот Синесиј“, „За калуѓерот кој бил несправедливо обвинет за кражба“, „За жената која била убиена од својот свекор“, „Папа Григориј Римски“, „Павле Препростиот“... Висарион со овој свој пристап ја открива својата световна определба.

2

Активностите на Висарион Дебарски во манастирот Слепче се поврзани со реализацијата на програмата на Охридскиот архиепископ Прохор (1528/29 - 1550) за заживување и дисеминација на славјанската книжевност во епархијата.

3

Зачуваните ракописи на Висарион Дебарски денес можат да се најдат во библиотеките во Скопје, Софија, Загреб, Санкт Петербург, Москва и др.