Среда, 14 Април 2010    Печати
Лазар Личеноски

Роден е во Галичник, на 26 март 1901 година, a  почина во Скопје на 10 април 1964 година. При тоа ги остави недовршени сликите  со охридскиот рибар кој ја крпи својата мрежа и недоткаената таписерија.

Лазар ЛиченоскиЛиченовски се смета за еден од втемелувачите на ликовниот живот во Македонија. Тој е еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж ("Бачила", "Долап", "Афионски полиња", "Охридски рибари"), во кој внесува и фоклорни елементи. Сликаше  мртва природа и портрети, а создаваше  и мозаици.

Уметничка школа со академски курс завршил во Белград, 1927 год. Специјализирал ѕидни техники во Париз во ателјето на Марсел Линоар и кај Пол Бодуен на Ecole des Arts et Mertiers, ги посетувал ателјето на Андре Лот и Academie de la Grande Chaumiere (1927-1929).

Живеел во Белград, а потоа во Скопје. Бил член на предвоената белградска група Облик.

Самостојно изложувал пред и по војната (за прв пат во 1927) во Скопје, Белград, Загреб, а учествувал (од 1927) на групни изложби во Скопје, Париз, Белград, Лондон, Ливерпул, Манчестер, Солун, Прага, Софија, Рим, Букурешт, Братфорд, Канада, Тунис и други места.

Бил професор и директор на училиштето за применета уметност во Скопје, дописен член на САНУ итн. Добитник е на Октомвриската награда за сликарство во 1959 година.

Ги насликал делата „Бачила“, „Долап“, „Афионски полиња“, „Охридски рибари„ и многу други.

Лазар Личеноски спаѓа во првата група современи македонски ликовни уметници. Заедно со Димитар Пандилов - Аврамовски и со Никола Мартиноски го означува почетокот на современата ликовна уметност во Македонија. Роден е во Галичник, а како дете живеел во Призрен и во Тетово.Во Скопје се запишал во  Гимназија, а  продолжил во Тетово. Меѓутоа, не ја  завршил бидејќи бил принуден да работи  во столарската работилница  на татко му. Првие приходи ги  заработувал со пишување букви на фирмите во тетовската  чаршијата. Во 1921 година заминал во Белград, каде што се запишал во Уметничката школа. Неговото прво ателје се наоѓало во Белград и таму Личеноски работел од 1921 до 1927 година.

Заедно со Пандилов и со Мартиноски, Личеноски учествувал на една групна изложба во Скопје во 1927 година, а потоа сите тројца заминале на натамошно професионално усовршување во Париз. Во 1927 година, Личеноски ја имал и својата прва самостојна излижба во Просветниот дом во Скопје.

Следните две години, од 1927 до 1929 година тој бил на студиски престој во Париз, каде што специјализирал фреско-техника кај Марсел Леноар и професорот Пол Бодуен.

По престојот во Париз, до крајот на Втората светска војна, Личеноски живеел во Белград, каде што бил вклучен во белградската ликовна група „Облик“. За периодот по неговото враќање од Париз, во своите автобиографски белешки, Личеноски вели:“ Од сликарството не можеше да се живее. Сликите што ги донесов од Париз не беа доволни за изложба. Знаев дека треба да се прават слики, и тоа не актови стилизирани и деформирани во духот на најмодерниот правец во Париз зашто овде требаше да се задоволи вкусот на снобовите кои купуваа, а не заради уметноста и естетското доживување, туку од снобизам, за да ги украсат трпезаријата и салонот, по мера на новите богаташи, ситни трговци, кои се уште не знаат да се снајдат во тие салони и трпезарии.“

Во мај 1929 година,  период кога во Македонија цутат афионите, тој дошол во Македонија, посњетил повеќе манастири и цркви и создал триесетина пејзажи кои ги изложил на својата прва самостојна изложба во Белград. Следната година, Личеноски ја има својата втора изложба во Скопје, во свечената сала на Офицерскиот дом. Последниот месец на 1930 година, Личеноски за првпат изложувал и во Загреб, каде што се запознал со Иван Мештровиќ, кој за неговите слики му рекол:“ Се гледа дека имате големо чувство за бојата. Вие можете да бидете одличен сликар, но тоа не значи дека сте и уметник. Уметник е само оној кој во своето дело внесува лична нота. Ако се задржите на својот терен и малку посериозно ги погледате вашите средновековни фрески, лесно ќе го најдете својот уметнички пат.“.

За сликарството на Личеноски е специфичен македонски амбиент (на пример, афионски полиња), а неговата преокупација во сликите бил човекот во моментот на некоја работна активност, на пример, претстави на рибари, бачила, дрвосечачи.

Личеноски 1930 и 1931 година  ги поминал во Скопје. Со ликовната група „Облик“ учествувал на изложби во Лондон, Ливерпул, Манчестер, Софија, Прага... По војната, Личеноски се песелил од Белград  во Скопје и тука живеел од 1945 до 1960 година. Повоениот период за него претставувала фаза на тешко приспособување на околностите.

Лазар  Личеноски бил член на комисијата  која ја опремила Уметничката галерија во Скопје. Тој бил  предавач на првата генерација ученици во Уметничката школа во Скопје, која по неговата смрт го носи неговото име. Во 1954, во Даут-пашиниот амам во Скопје била  отворена ретроспективна изложба на Личеноски. Пет години подоцна (1959) во Домот на градежниците тој се претставил со постановката на тема „Старо Скопје кое исчезнува“.
Дел од неговото творештво се и мозаиците „Мајка со дете“, „Галички девојки“, „Мајстор-кујунџија“, „Апотеоза на трудот“ и други. По земјотресот, под шаторско крило во дворот на разурнатата куќа, насликал неколку платна од таа природна катастрофа. Истата година во декември учествувал на изложбата на македонската ликовна уметност во Лондон и во Брадфорд.

подготвила: Д.А.