Среда, 21 Август 2019    Печати
Рајна Алексова

RajnaРајна Алексова

Рајна Алексова (25. XII 1882 – 23. II 1959) е македонски фармацевт. Дипломирала на 17. VII 1906 година на Фармацевскиот факултет во Лозана, Швајцарија. Таа е прва жена фармацевт во Македонија и на Балканот. Работела во фамилијарната аптека лоцирана на „Широк сокак“ во Битола се до пензионирањето во 1944 година.

Рајна Алексова е родена на 25 декември 1882 година (15 јануари 1883 г.),  во Битола. По завршувањето на француската гимназија во Солун, таа со својот постар брат Ристо Алексов, кој бил трговец и воедно ја имал првата апотека во Битола, заминала со воз за Швајцарија каде во 1902 година се запишала на Фармацевскиот факултет во Лозана. Четири години потоа, дипломирала на 17 јули 1906 година, и станала првата Македонка дипломирана фармацевтка, воедно и прва жена фармацевтка на Балканот.

Таа со гордост се преставувала дека е Македонка. Во нејзината диплома издадена во 1906 година од швајцарските универзитетски власти на француски јазик стои запишано дека Рајна Алексова по националност е Македонка. (Тоа може да се види од копијата на дипломата која е верна на оргиналот со датум од 01.11.2018 гидина, а која ја имаат добиено наследниците по нивно барање, додека оргиналната диплома се наоѓа во Софискиот музеј во Бугарија.)

Веднаш по дипломирањето Рајна Алексова сакала да отвори сопствена апотека. Меѓутоа, таа се судрила со тогашните турски закони кои не дозволувале жените да обавуваат апотекарска професија. Сепак, Рајна не се откажувала. Таа пратила писмо до Цариград и барала, „за добро на народот во Битола“, да ѝ се овозможи да отвори сопствена аптека.

Додека чекала дозвола од турските власти да почне да работи како апотекарка, Рајна почнала да работи како милосрдна сестра во Ќустендил. Во јуни 1907 година таа била испратена во бугарската болница „Евлоги Георгиев“ во Цариград. Рајна по извесно време ја напуштила болницата и од февруари 1908 година работела како учителка по хемија во женската гимназија во Едрене.

Со промените по Младотурската револуција, Рајна Алексова добила дозвола да работи како аптекарка. Хилми-паша успеал да издејствува – сите родени во Македонија што работеле во Бугарија и кои не биле компромитирани да добијат дозвола за работа. Така, Рајна како прва жена на Балканот ќе добие специјална дозвола да работи како аптекарка.

Во 1909 година, таа веќе работи во апотеката кај својот брат трговецот Ристо Алексов.

Балканските војни и Првата светска војна оставиле вистински хаос во Битола кој се наоѓал на линија на Македонскиот фронт.

По Првата светска војна, во 1919 год. била испратена комисија од тогашното Министерство за народно здравје на Кралството на СХС за да ги провери условите за работа во сите аптеки. Најпрво ја посетила аптеката на Рајна Алексова, која била најпопуларна во градот. И покрај тоа што најдобро работела во Битола, аптеката на Македонката Рајна Алексова била парично казнета со 30 динари. Во извештајот што го напишала комисијата сепак стоело дека немало услови за работа: аптеката не одговарала на прописите од санитетскиот закон, одаите биле недоволни, а бил затекнат и нејзиниот брат Ристо како издава рецепти, кој бил трговец и не бил квалификуван за аптекар.

Комисијата побарала Рајна да ја достави својата оригинална диплома за завршен факултет, која, пак, бугарскиот окупатор при повлекувањето од Битола ја однел со другата архива во Бугарија. Рајна добила дупликат диплома од факултетот во Лозана, која била судски заверена како верна на оригиналот, на 14.12.1919 година. И, така, аптеката ја продолжила својата работа. Подоцна Алексова ја откупила аптеката од својот брат и во неа работела се до своето пензионирање во 1944 година.

Аптеката била национализирана и станала државна аптека.

Рајна Алексова водела работни аптекарски дневници. Нејзините дневници со рецепти се од француско потекло, уредно заверени на првата страница и пишувани на француски јазик. Денес тие се чуваат во Историскиот архив во Битола, како „Фонд на аптеката на Рајна Алексова“.

Инаку, во нејзината аптека ординирале и препишувале лекови познатите лекари Александар Дума, Илија Аждари и Анастас Христиди.

Рајна Алексова починала од насилна смрт на 23 февруари 1959 година во Битола.

Луѓето што кај неа живееле како потстанари, ја задушиле и со себе однеле пари и сѐ што било вредно во нејзината голема семејна куќа.

(извори: МЕ, Скопје 2009; „Битолчанката Рајна Алексова прва аптекарка на Балканот“, Н. Македонија, 01.12.2018)

Rajna Aleksova