Среда, 28 Август 2019    Печати
Царевна Миладинова

91Царевна Миладинова

Царевна Миладинова – Алексиева (01. I 1856 – 18. XII 1934) е просветен работник од Македонија, една од основачите на Солунската женска гимназија „Св. Благовештение“. Исто така, во 1889 година, таа организирала женско училиште во градот Прилеп, каде што била директор од 1889 до 1891 година. Потоа повторно заминала во Солун, каде го основала егзархиското училиште во маалата Пиргите, Царевна е ќерка на македонскиот преродбеник Димитар Миладинов и се образувала во Фундуклеевата класична гимназија во Киев.

Царевна Димитрова Миладинова е родена на 1 јануари 1856 година во градот Струга, во семејството на македонскиот преродбеник Димитар Миладинов. Се образувала кај учителот Георги Икономов, кој бил и самиот ученик на нејзиниот татко, а потоа и маж на десет години постарата нејзина сестра, подоцна учителка во Струга Милица Димитрова Икономова (1847-?).

Во летото 1864 година, рускиот конзул во Битола, Михаил Хитрово, дошол во Струга за да ги провери поплаките на Македонците против охридскиот грчки владика Мелетиј. Тој го посетил домот на Миладиновци и решил да ја земе малата Царевна со себе во Русија. На 20 септември 1866 година, Миладинова ја напушти Битола и преку Цариград заминала за Русија со семејството на Стефан Икономов, брат на Георги Икономов.

По доаѓањето во Русија, Царевна се образува во Фундуклеевата класична гимназија во Киев. Таа ја завршила Киевската гимназија во 1874 година и истата година во јуни пристигнала во Цариград. Од таму заминала на територијата на денешна Бугарија, каде од 1874 па се до 1880 година предавала во женското училиште во бугарскиот град Шумен.

Освен што предавала во училиштето, Царевна била претседателка и на Женското друштво „Родољубие“ од Шумен. Потоа предавала во уште два бугарски града, во 1881 година, во женското училиште во Етрополе, а  во 1882 година во градот Свиштов, за да потоа се врати во родната татковина Македонија

Миладинова од Бугарија заминала во главниот град на Македонците Солун, каде учествувала во основањето на Солунската женска гимназија „Св. Благовештение“. Од 1883 до 1884 година била директор на училиштето, а од 1884 до 1888 година била помошник директор и наставник по литература.

Во 1889 година Царевна одговорила позитивно на барањето на Прилепската црковна општина и организирала училиште за девојчиња во градот. Таа била директор од 1889 до 1891 година, а потоа повторно заминала во Солун, каде основала егзархиско училиште во маалата Пиргите, во јужниот дел на Солун.

По балканските војни, грчката власт ја протерала и во 1913 година Царевна Миладинова се преселила во Софија,

Царевна Димитрова била сопруга на Никола Алексиев. На 18 декември 1934 година, по две децениии по доаѓањето во Бугарија, Царевна Димитрова Алексиева починала во Софија.