Среда, 15 Јануари 2020    Печати
Вангел Тодоровски - Мајорот

VangelВангел Тодоровски - Мајорот

Вангел Наумов Тодоровски - Мајорот (1920 - 24. IV 1942) е македонски револуционер, комунист и народен херој. Бил активист на Урсовите синдикати, член на КПЈ од 1940 година и член на МК на СКОЈ во Битола. Поради комунистичката дејност, повеќе пати бил апсен. По фашистичката окупација на Македонија се илегализирал и работел во партиската техника на МК на КПЈ во Битола, а при еден обид од бугарските власти да ја откријат, го убил битолскиот областен полициски началник, по што, за да не падне во непријателски раце, се самоубил. Прогласен е за народен херој на Југославија  на 2. VII 1952 година.

Вангел Тодоровски е роден во 1920 година во Битола, во сиромашно занаетчиско семејство. По завршувањето на основното училиште учел фризерски занает. Како бербер, тој читал марксистичка литература и се истакнувал меѓу младите со своите револуционерни ставови. Тој станал активист на Урсовите синдикати и се истакнувал со својата работа, поради што бил назначен за секретар на подрачното друштво на фризерските работници и член на меѓуструковиот синдикален одбор.

Во 1940 годиниа Вангел Тодоровски стана член на Комунистичката партија на Југославија. Полицијата која од порано ја следела неговата работа го уапсила истата година. Иако  бил измачуван во полициската станица, тој не признал дека се занимава со револуционерна работа. По напуштањето на затворот тој ја продолжил партиската работа и станал член на Месниот комитет на СКОЈ во Битола.

По окупацијата на земјата во 1941 година, Вангел ја продолжил својата партиска работа, која имала за цел да се подготви народот за вооружено востание. Тој работел во групата која имала задача да собира и крие оружје, муниција и друг воен материјал, што остана по капитулацијата на југословенската армија.

Во есента 1941 година, бугарската окупаторска војска го повикала Вангел на отслужување на воениот рок. Меѓутоа, тој не сакал да му служи на окупаторот, па така, со одобрение на партијата, заминал во илегала и продолжил да работи на подготовките за формирање на партизански одред. Набрзо добил задача од Месниот комитет да работи со партиската техника.

Во април 1942 година, бугарската полиција успеала да го открие скривницата на партиската техника со која раководел Вангел. На 24 април 1942 година, кога влегле во скривницата заедно со окружниот шеф на полицијата, Вангел ги дочекал бугарските полицајци со револвер. Тој отворил оган врз нив и смртно го ранил началник на полицијата. При размената на оган, Вангел ранил уште еден полицаец, а кога видел дека не може да се пробие, тој се застрелал со својот последен куршум, за да не падне жив во рацете на непријателот.

По повод големиот македонски нациналниот празник Илинден, Вангел Тодоровски, познат под псевдонимот Мајорот, со Указ на Президиумот на Натодното собрание на Федералната Народна Република Југославија, на 2 август 1952 година бил прогласен за народен херој.