Среда, 27 Мај 2020    Печати
Димитар Михајлов

1b1Димитар Михајлов

Димитар Василев Михајлов (12. X 1873 – 16. V 1932) е просветен деец и општественик од Македонија. Михајлов како претставник на битолското братство бил избран за заменик-претседател на Извршниот комитет на Сојузот на македонските емигрантски организации во Бугарија, кој во 1919 испраќа Меморандум до Париската мировна конференција во кој се бара да се формира Независна Македонија под покровителство на Големите сили.

Димитар Михајлов е роден на 12 октомври 1873 година во Битола. Со основно образование се стекнал во Битола, а со високо образование на Универзитетот во Софија и на Универзитетот во Минхен, каде специјализирал класична филологија и византологија.

По завршувањето на образованието, наместо да се врати во родното место во поробена Македонија, Димитар останал во Бугарија каде работел како учител. Осум години предавал во Првата софиска машка гимназија и една година во Првата софиска женска гимназија. Потоа дваесет години учителствувал во Софиската духовна академија, бил секретар на Бугарската егзархија и пет години бил инспектор на егзархиските училишта во Македонија  Истоа така, една година предавал грчки јазик и во Воената академија во Софија во 1914 година.

Иако долго време бил надвор од својот роден град, тој не се откажал од Битола. На Основачкото собрание на македонските бегалски братства во Бугарија што се одржа од 22 до 25 ноември 1918 година во Софија, Михајлов беше претставник на битолското братство и бил избран за заменик-претседател на Извршниот комитет на Сојузот на македонските емигрантски организации во Бугарија.

Извршниот комитетот на Сојузот на македонските емигрантски организации, која била една од најголемите организации на македонската емиграција во Бугарија меѓу двете светски војни, во февруари 1919 година, испратил до Париската мировна конференција Меморандум во кој се бара цела и неподелена Македонија да се присоедини или кон Бугарија или, ако тоа не е можно, да се формира Независна Македонија под покровителство на Големите сили.

Димитар Михајлов бил масон. По Деветојунскиот преврат во 1923 година во Бугарија, заедно со други двајца ја посетил масонската ложа во Цариград со цел да ја одбранат новата бугарска влада. Во пресметките на поделената македонска емиграција, тој станал жртва.

Димитар Михајлов е убиен на 16 мај 1932 година во Софија. Едни сметаат дека бил убиен од дејци на протогеровистичкото крило, а други дека бил убиен по нарачка на Белград.

По повод смртта на Димитар Михајлов, Леринското Благотворително Братство „Слобода“ од Софија ќе објави жална вест во која се вели:

„Леринчани и браќа Македонци, На 16 – ти мај о.г. вечерта од предавничка и подла рака беше застрелан претседателот на Македонскиот национален комитет Димитар Михајлов (по потекло од с. Петеле, Леринско, а родум од град Битола, Македонија.) ... и благороден Леринчаниец, Ти беше еден од ретките несебични дејци, кој со редок идеализам, полна љубов и преданост и служеше на Македонското ослободително дело. Ние Леринчани, поклонувајќи се пред твоето дело, едногласно даваме клетва дека и покрај желбите на македонските душмани ќе ја продолжиме големата и света борба – борба за слобода на нашата родина.“.

На 19 мај 1932 година илјадници луѓе се собраа на неговиот погреб. Во јули 1932 година излезе периодичното списание на Македонската младинска организација „Бр. Миладинови“ од Варна, посветено на смртта на Димитар Михајлов.