Среда, 16 Септември 2020    Печати
Павел Граматиков

11002Павел Граматиков

Павел Граматиков (1870 - 1902)  е македонски револуционер, Ениџевардарски и Поројски војвода на Македонската револуционерна организација. Во 1901 година бил во Софија и Гоце Делчев го назначил за војвода во областа Порој. Меѓу македонскиот народ кој испеал песна за него бил познат како Кониковски, Павле Капитан и Канатлииски, односно Крилати,

Павел Пејков Граматиков е роден 1870 година во селото Кониково, Егејскиот дел на Македонија. Останал без образование. Како работник во турски чифлик во селото Кушиново, тој бил обвинет за кражба на пари и претепан од Турците. Потоа бил суден во Ениџе Вардар, но набргу бил ослободен од обвинението. Од тој момент, неговото враќање во родното село станало опасно и тој започнал да дејствува сам против Турците. Потоа се приклучил на Македонската револуционерна организација и станал терорист на Организацијата.

Од 1896 година Павел Граматиков раководел со една чета во регионот на Ениџе Вардар. Во 1898 година се населил во Ениџевардарското езеро, каде изградил рибарска куќа среде трска за да се заштити од ненадејни напади. Скриен во Ениџевардарското блато тој бил недофатлив за турските власти.

Во 1901 година бил во Софија и Гоце Делчев го назначил за војвода во областа Порој. Потоа заминал во Македонија со четата на Михаил Чаков и дејствувал извесно време во Поројско со одредот на Станиш Наков.

Меѓутоа, по извесно период со една чета се вратил во Ениџевардарско и се прогласил за окружен војвода. Поради тоа Павел влегол во конфликт со војводата Апостол Петков, а двата војводи ги помирил Аргир Манасиев.

Павел Граматиков убивал арнаути, падари и стекнал слава меѓу македонското население. Подоцна тој се приклучил на четата на Иван Карасулијата и Апостол Петков. Откако им се придружил на четите, неговата сопруга постојано била малтретирана од Турците.

Павел Граматиков починал под неразјаснети околности во Каркаловските колиби во Ениџевардарското езеро во ноември 1902 година. Според некои извештаи, неговата смрт се случила како резултат на несреќа или мочуришна треска. Според други извори, тој бил отруен од Апостол Петков.

По неговата смрт, за да се избегне одмазда, по наредба на Апостол војвода, бил убиен неговиот син - Трајо. Братот на Павле, Дивиниш, кој бил четник на Македонската револуционерна организација, откако не успеал да го убие Апостол, убил друг член на Организацијата и преминал на грчката страна. Синот на Павле, Димитар Граматиков, се населил во Ениџе Вардар и дејствувал како агент од втор ред во грчката вооружена пропаганда во Македонија, а сестрата на Павле, Тодора, се преселила со семејството во Бугарија во селото Горни Воден, Асеновградско.

За Павел Граматиков, македонскиот народ испеал песна, а по неговото име била именувана и македонската организација во бугарското село Равда. Имено, во рамките на Конвенцијата за размена на нселението меѓу Бугарија и Грција, по Првата светска војна, во 1924 година, во селото Равда, во близина на Несебар, се населиле бегалци од Егејска Македонија. Тие главно потекнувале од Куфалово и Бозец, а неколку семејства биле од Киркалово, Зорбатово, Баровица, Рамел, Пласничево, Кадиново и Вехти Пазар. Во периодот 1925-1934 година Македонската младинска организација во Равда, го носи името „Павле Кониковски“