Среда, 14 Октомври 2020    Печати
Страшо Пинџур

1StrasoСтрашо Пинџур

Страхил (Страшо) Пинџур (3. III 1915 - 4. I 1943) е македонски национален и комунистички деец, првоборец и народен херој. Познат е под псевдонимот Јосиф, Камо. Бил еден од основачите и секретар на студентското друштво „Вардар“ во Белград и еден од основачите на МАНАПО и на Студентската колонија во Охрид, поради што бил прогонуван и апсен. По Априлската војна (1941), како член на Пленумот на ПК на КП во Македонија, дошол во судир со ставовите на Методија Шаторов - Шарло. Бил член на Покраинскиот воен штаб од септември 1941 година, кој потоа станува ГШ на НОВ и ПОМ, и член на ПК на КПЈ за Македонија од јануари 1942 година. Кон крајот на 1942 година бил уапсен од бугарската полиција во Велес и по подолго мачење бил убиен во Скопскиот затвор.

Страшо Пинџур е роден на 3 март 1915 година во селото Ваташа. По смртта на неговиот татко на почетокот на Првата светска војна, во битката кај Криволак, неговата мајка се преселила во Неготино, па затоа за него се грижела неговата баба. Основно училиште завршил во селото Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. По завршувањето на нижата гимназија, како сирак тој станал државен кадет во Крагуевац, каде што му пристапил на работничкото и комунистичкото движење. Додека бил во Крагуевац учествувал во многу акции на работниците и младината, а потоа заминал за Белград каде студирал на Правниот факултет.

Во 1934 година станал член на КПЈ, а во 1936 година како напреден студент бил член на Акциониот одбор на студентите на Белградскиот универзитет и на Покраинскиот одбор на македонските студенти. Тој е еден од основачите и секретар на студентското Културно-просветно друштво „Вардар“ во Белград, како и еден од основачите на МАНАПО и на Студентската колонија во Охрид.

Додека студирал станал близок пријател на Иво Лила Рибар, еден од организаторите на младинското и студентско револуционерно движење во предвоена Југославија.  Во текот на 1938 година Страшо Пинџур се обидел да замине за да се бори во Интернационалните бригади во Шпанија. Но, дошол до Прага и откако не успеал да фати врска се вратил во Белград.

По завршувањето на Правниот факулте, тој ја зголемил својата револуционерна дејност. Поради неговите активности бил прогонуван и апсен, Се вратил во Македонија и учествувал во обновата на работата на Куминистичката партија во Тиквешијата.

По Априлската војна во 1941 година, како член на Пленумот на ПК на КП во Македонија, дошол во судир со ставовите на Методија Шаторов - Шарло.

Страшо Пинџур од септември 1941 година бил член на Покраинскиот воен штаб, кој во јуни 1942 година прераснува во Главен штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија (ГШ на НОВ И ПОМ). Од јануари 1942 година бил член и на новоформираниот Покраински комитет на КПЈ за Македонија.

Во отсуство бил осуден, а на 18 декември 1942 година бил уапсен од бугарската полиција во Велес. По подолго мачење Страшо Пинџур бил убиен на 4 јануари 1943 година во Скопскиот затвор, заедно со народниот херој Мирче Ацев.

Страшо Пинџур и Мирче Ацев биле прогласени за народни херои на Југославија на 29 јули 1945 година.