Среда, 21 Октомври 2020    Печати
Малина Попиванова

1popivanovaМалина Попиванова

Малина Попиванова (7. IV 1902 - 19. VII 1954) е истакнат македонски и интернационален комунистички деец. Студирала на Белградскиот универзитет, каде што била примена за член на КПЈ кон крајот на 1920 год. По доаѓањето во Скопје била избрана за член на МК на КПЈ. Заради лекување од ТБЦ, заминала во СССР во 1929 год., каде живее под псевдонимот Елена Николаевна - Галкина „Краснаја“. Таа работела како предавач по историја на комунистичкиот универзитет КУНМЗ и била раководител на Југословенскиот сектор. Вршела и други значајни должности во Москва и во други градови на СССР,. Заедно со сопругот Владимир Сакун била опфатена во Сталиновите „чистки“  во 1937 година и две години поминала на заточение во Сибир. Во сите официјални документи секогаш се декларирала како Македонка.

Малина Попиванова е родена на 7 април 1902 година во градот Кочани. Таа е ќерка на македонскиот комунист Стефан Попиванов Македонович, кој во 1908 година заминал во Бугарија и по две години станал член на Бугарската работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти), а подоцна настрадал во Сталиновите чистки.

Малина завршила гимназија во Софија. Во 1919 година, таа била уапсена од софиската полиција и затворена заедно со  нејзиниот татко Стефан Попиванов и нејзините браќа  Цеко и Иван, заради учество во демонстрации и комунистичка дејност.

Набрзо нејзиното семејство емигрирало во Југославија и кон крајот на 1920 година била примена за член на КПЈ. Малина во Белград студирала фармакологија и спроведувала политичка активнос до средината на 1921 година. Потоа со семејството се преселила во Скопје, каде останала до 1924 година.

По доаѓањето во Скопје, Малина била избрана за член на МК на КПЈ и истовремено била секретар на Подружницата на трговските помошници, член, а потоа и секретар на Градскиот синдикален совет на Независните синдикати и активен член и библиотекар на КУД „Абрашевиќ“.

Во есента 1924 година Малина заминала да студира во СССР на Комунистичкиот универзитет во Свердловск. Дипломирала во 1928 година, а потоа се вратила во Југославија како инструктор на Организационото биро на ЦК на КПЈ во Сплит и Загреб.

Есента истата година, Малина учествувала на IV конгрес на КПЈ во Дрезден, каде се сретнала со Кочо Рацин.. Таму била избрана за член на ЦК на КПЈ. Притоа, како професионален револуционер, ја раководела Комисијата за работа со мисиите во Југославија и Женската комисија на ЦК на КПЈ.

Заради лекување од ТБЦ, Малина заминала во СССР во 1929 година. Таму живеела под името Елена Николаевна Галкина „Краснаја“ и работела како предавач по историја на КУНМЗ (Комунистички универзитет за национални малцинства на Запад - образовна институција на Коминтерната, која работеше во периодот 1922-1936 год.) и раководител на Југословенскиот сектор. Вршела и други значајни должности во Москва и во други градови на СССР.

Во 1937 година била обвинета за заговор и била исклучена од партијата. Во Сталиновите „чистки“ таа била опфатена заедно со сопругот Владимир Сакун. Две години поминала на заточение во Сибир, а потоа работела како предавач по историја во Педагошкото училиште во Тјумен. Таа во сите официјални документи секогаш се декларирала како Македонка.

Малина Попиванова починала на 19 јули 1954 година во Тјумен. Посмртно е рехабилитирана. На 28 ноември 1963 година, со одлука на Воениот колегиум на Врховниот суд на СССР, Малина Попиванова и нејзиниот татко Стефан Попиванов Македонович беа политички рехабилитирани.