|
||||
Ѓорѓи Гаврилски |
Ѓорѓи Гаврилски (11. IV 1911 –17. XII 1987) е македонски лекар-епидемиолог, примариус. Учествувал во НОВ и бил член на АСНОМ. По Ослободувањето бил помошник Министер за народно здравје во Владата на РМ (1946) и член на Матичната комисија за формирање на Медицинскиот факултет во Скопје (1947). Бил избран е за редовен професор по епидемиологија и продекан (1949) на Медицинскиот факултет. Заслужен е за истребување на маларијата во Македонија. Ѓорѓи Нацев Гаврилски е роден на 11 април 1911 година во Свети Николе. Основно образование завршил во родното место, а средно во Велес и Скопје. Во овој период се издржувал давајќи приватни часови на деца од поимотните семејства. Со Бане Андреев – Ронката и неколкумина други го организирале клубот „Македонија“, кој набргу бил забранет од српските власти. Своето образование го продолжол во Белград каде се запишал на студии по општа медицина. По завршувањето на Медицинскиот факултет во 1937 година, Гаврилски се вработил во Армијата на Кралството Југославија. Во 1938 година бил испратен во Штип, како лекар на 23 пешадиски полк. Бидејќи се изјаснувал како Македонец, тој често бил казнуван со домашен притвор или ноќни дежурства во болницата. Во текот на 1939 и 1940 година, Гаврилски заминал во Хигиенскиот завод во Скопје, каде се усовршува за борба против маларијата. Пред Втората светска војна Гаврилски бил испратен на служба во Косово. Во априлската војна 1941 година, бил заробен од Германците, но набргу бил ослободен и заминал за Свети Николе , каде отворил приватна амбуланта. Во април 1942 година, Гаврилски со неколку свои сограѓани формирал Одбор за народна помош во Св. Николе, а во неговата ординација се држеле тајни состаноци. Во јуни 1943 година, бугарската власт го уапсила и затворила Гаврилски. Тој добил 15 години строг затвор. Затворската казна прво ја издржувал во Скопје, а од декември 1943 година, бил преместен во затворот во Ќустендил, каде ја дочекал капитулацијата на Бугарија. По излегувањето од затвор бил префрлен во ГШ на НОВ и ПОМ. Бил делегат на Осмото заседание на Президиумот на АСНОМ, одржано во октомври 1944 година, и претседател на Околискиот народноослободителен одбор во Свети Николе, како и секретар при обласниот НОО Скопје. По Ослободувањето извршувал повеќе општествени функции. Бил помошник Министер за народно здравје во Владата на РМ (1946), член на Матичната комисија за формирање на Медицинскиот факултет во Скопје (1947). Избран е за редовен проф. по епидемиологија и продекан (1949) на Медицинскиот факултет. Тој е претседател на Македонското лекарско друштво во периодот 1948-1950 година. Заслужен е за ерадикацијата на маларијата во Македонија. Меѓутоа, во 1949 година, Гаврилски бил следен од УДБ и приведуван. Во 1951 бил исклучен од членството на СКМ, разрешен од државните функцци и преместен со работа како лекар по опште прекса во Клиниката на Бит Пазар. Набрзо потоа, во куќата во која живеел, отворил приватна пракса. По забраната за приватната пракса, тој продолжил да работи во здраствениот дом „Железничар“, каде бил управник од 1961 до пензионирањето во 1981 година. За своите заслуги примариус Др. Ѓорѓи Гаврилски добил повеќе признанија и ордени. Починал на 17 декември 1987 година во Скопје. (извор: МЕ том I, стр. 309, Скопје, 2009,) Подготвил: Т.К. |