|
||
Живко Чинго |
Живко Чинго (13 VIII 1935 – 11 VIII 1987) е македонски раскажувач, романописец, драмски автор, новинар. Своето високо место во македонската литература го заслужи пред се со своите раскази објавени во збирките „Пасквелија“ и „Нова Пасквелија“. Живко Чинго е роден на 13 август 1935 година во охридското село Велгошти. Основно училиште завршил во родното село, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопјe, на групата Југословенска литература. По дипломирањето на Филозофскиот факултет во Скопје, работел како професор во Гимназијата во Охрид, а потоа како новинар во повеќе редакции во Скопје. Rаботел во „Студентски збор“, „Млад бореџ“, Радио Телевизија Скопјe, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на драмата во Македонскиот народен театар. Кон крајот на својот живот работел како советник во Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година, станал член на Друштвото на писатели на Македонија, а бил и член на Македонската академија на науките и уметностите. Живко Чинго се појавува во мaкедонската литература кон крајот на 1950-тите години. Со своите први раскази, објавени во списанието „Разгледи“ во 1957 година, тој го привлекол вниманието на книжевната јавност кон себе. Но со појавата на неговата прва збирка раскази Пасквелија станало јасно дека се работи за голем мајстор на краткиот расказ. Првата збирка раскази Пасквелија, објавена во 1961 година, беше пречекана како книжевно откровение. Неколку години подоцна, во 1965 година, ја објавил својата втора книга раскази Нова Пасквелија, која го повторила големиот успех на првата книга. Во 1966 година, Чинго го објавил детскиот роман „Сребрени снегови“, а во 1971 година, уште еден роман, „Голема вода“, кој бил снимен во филм со исто име. Книгата раскази „Заљубениот дух“ е објавена во 1976 година на српско-хрватски јазик. Делата на Чинго се високо ценети од страна на македонските и југословенските критичари, а тие се преведени на: српско-хрватски, словенечки, албански, руски, полски, француски, унгарски и германски јазик. Во 1963 година, тој добил награда од белградскиот весник „Младост“ за неговата збирка Пасквелија. За неговата збирка Нова Пасквелија ја добил наградата „11 Октомври“ во 1966 година. Истата година ја добил и наградата „Детска радост“ за најдобар детски роман (за „Сребрени снегови“). Чинго е автор на следниве дела: раскази „Пасквелија“ (1963), раскази „Породица Огулиновци“ (1965), раскази „Нова Пасквелија“ (1965), роман за деца „Сребрени снегови (1966), раскази „Пожар“ (1970), роман „Големата вода“ (1971), сценарио „Жед“ (1971), сценарио „Поле“ (1971), драма „Образ“ (1973), драма „Зидот, водата“ (1976), раскази „Вљубениот дух (1976), драма „Кенгуровиот скок“ (1979), драма „Макавејски празници“ (1982), раскази „Накусо“ (1984), сценарио „Пчеларник (1988), раскази „Гроб за душата“ (1989), роман „Бабаџан“ (1989), раскази „Бунило“ (1989), проза Ал (1989). Живко Чинго починал на 11 август 1987 година. Подготвил: Т.К. |