|
||
Славчо Стојменски |
Славчо Стојменски (25. XI 1921 - 16. VIII 1943) е македонски национален деец и народен херој. Илегално патувал низ Источна Македонија и работел на организирање на Народноослободителното движење. При блокада на бугарската полиција бил тешко ранет и подлегнал на повредите во Штипската болница. Со указ на претседателот на ФНР Југославија, Јосип Броз Тито, на 11 октомври 1953 година, тој е прогласен за народен херој. Славчо Коцев Стојменски е роден на 25 ноември 1921 година во Штип, во сиромашно работничко семејство. Завршил основно училиште и гимназија во родниот град (1940/41). Се запишал како студент на Медицинскиот факултет во Софија (1941/1942), но во почетокот на наредната година се вратил во Штип (февруари 1942) и се вработил во градското Комесарство. Уште како ученик, Славчо бил познат на полицијата. Неколку пати бил повикуван во полиција и советуван да се откаже од револуционерните активности. Дружењето со Ванчо Прке влијаело врз неговото политичко формирање. Двајцата се приклучиле на револуционерното младинско движење. Во летото 1941 година, Славчо станал член на КПЈ и секретар на МК на СКОЈ во Штип. Во првите денови од окупацијата, Славчо Стојменски успеал да формира неколку групи на СКОЈ во Штип. Тој ги подготвувал членовите да се приклучат во партизанските редови на повик на Комунистичката партија на Југославија. Во есента 1942 година, Славчо бил уапсен, но успеал да избега. Додека полицијата постојано се обидувала да го фати, тој илегално патувал низ Источна Македонија и работел на организирање на Народноослободителното движење. Повремено, се враќал во Штип ноќе за да поднесе извештај за извршените задачи и да добие нови директиви. На почетокот на 1943 година, станал член на Четвртиот областен комитет на Комунистичката партија на Македонија. За да ја проучат ситуацијата и да ги координираат активностите за разгорување на Народноослободителната борба, членовите на комитетот се собрале на состанок во Штип во август 1943 година. Полицијата дознала за ова и на 17 август ја опколила куќата каде што се одржувал состанокот. При блокада на бугарската полиција Славчо бил тешко ранет и подлегнал на повредите во Штипската болница. Со указ на претседателот на ФНР Југославија, Јосип Броз Тито, на 11 октомври 1953 година, тој е прогласен за народен херој. Подготвил: Т.К. |