|
||
| Илија Димовски – Гоче |
|
Илија Димовски (1905 –26. VII 1961) е македонски деец, учесник во НОВ во Егејскиот дел на Македонија и во Граѓанската војна во Грција. Познат под прекарот Гоце (Гоче), се отцепил од КПГ и формирал посебна македонска партиска организација со македонска национална платформа. Бил командант и комесар на партизанскиот одред „Вичо“, командант на Леринско-костурскиот македонски баталјон, командант на Леринско-костурската македонска бригада и командант на Првата егејска ударна бригада на НОВМ. Илија Стефов Димовски – Гоче е роден во Леринското село Статица во 1905 година. Во работничкото и во македонското Националноослободително движење се вклучил во предвоениот период. Во 1941 година се отцепил од Комунистичката партија на Грција (КПГ) и формирал посебна македонска партиска организација со македонска национална платформа. Од февруари 1943 до септември 1944 година бил командант и комесар на партизанскиот одред „Вичо“. Во август–септември 1944 година бил командант на Леринско-костурскиот македонски баталјон. Од октомври 1944 година е командант на Леринско-костурската македонска бригада. Поради опасност од расформирање доколку останат на територијата на Егејскиот дел на Македонија, македонските баталјони се повлекле од составот на ЕЛАС и од нив на 18 ноември 1944 година во битолското село Драгош била формирана Првата егејска ударна бригада на НОВМ. При формирањето во нејзиниот состав влегоа 1. костурски, 2. лерински, 3. воденски и 4. баталјон на тешко оружје. 5. баталјон на бригадата бил приклучен подоцна и бил составен од Македонци од Бугарија, Со прилив на нови борци набрзо бил оформен и 6. баталјон. За командант бил поставен Илија Стефов Димовски – Гоче. На 3 јануари 1945 година бригадата била прекомандувана во Гостивар и Тетово, каде учествувала во ликвидирањето на балистичките банди. Но, заради заштита на границата со Грција, во почетокот на март 1945 година, Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија. Меѓутоа, заради меѓународни импликации во врска со Грција и тамошната ситуација, со наредба бр. 236 од 2 април 1945 година на Главниот Штаб на НОВ на Македонија, Бригадата била расформирана, а нејзиниот боречки состав распореден во други единици. Најголемиот дел од борците на Бригадата, подоцна се вратиле во Егејскиот дел на Македонија, каде биле создадени првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а потоа станале и борци во единиците на Демократската армија на Грција. Во овие единици Македонците повторно покажале огромна пожртвуваност во борбата за слобода. Во септември 1946 година, Илија Димовски – Гоче ги командувал македонските партизански единици на НОФ на планината Вичо, а во почетокот на 1947 баталјон на ДАГ. Бил член на Главниот одбор на НОФ на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Илија Димовски починал на 26 јули 1961 година во Скопје.
Подготвил: Т.К. |