Среда, 26 Ноември 2025    Печати
Гаврил Атанасов - Македонец

Gavril 2

Гаврил Атанасов Христов (1862/3 - 1951) е македонски иконописец и фотограф од Македонија од крајот на 19 век - почетокот на 20 век. Гаврил е автор на бројни иконостаси, преносни икони и фрески во Малешевијата и Пијанец, како и во кочанскиот, штипскиот, радовишкиот и струмичкиот регион. На една од своите икони во манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово, авторот е потпишан многу јасно – Иконописец Гаврил Атан(асов), Македонец од село Берово, Малеш 1897 година

Гаврил Атанасов е роден во 1862 или 1863 во Берово, од влашки доселеник од Крушево и мајка од Ратево. Гаврил Атанасов посетувал училиште во Берово на почетокот на седумдесетите години во 19 век, но неговото семејство било сиромашно, па децата морале да работат како аргати.

Кога имал околу 18 години, отишол на Света Гора кај својот брат Христо, кој прво работел како слуга, а потоа станал игумен во рускиот манастир „Свети Пантелејмон“. Таму, ја видел работата на иконописците и посакал самиот да се обучи за иконописец. Неговиот брат платил 20 лири однапред за неговото тригодишно образование, кај Григориј Шкурт во Кареја. Меѓутоа, незадоволен од својот учител, го напуштил и потоа учел кај Христодулос Матеу, роден во Његуш, повторно во Кареја од 1886 до 1887 година. Потоа станал негов асистент и нивната соработка траела 13 години, во кој период сликале икони за Русија и балканските земји. Околу 1898 година, Гаврил се одвоил од учителот и поминал година и пол во руската ќелија во Кареја, а рускиот иконописец Поликарп, сега веќе стар, му го предал водството нему.

Околу 1901 година, се вратил во Берово и се оженил. Исто така, се вклучил во револуционерна активност и во есента 1903 година заминал во Ќустендил, Бугарија. Во Ќустендил останал една година, а потоа заминал за Софија.

Во 1905 година, тој отишол во Кареја на Света Гора, каде што студирал фотографија. По две години на Света Гора, се вратил во Берово, каде што се населил.

Gavril 1

Зографот Гаврил Атанасов изработил повеќе иконостаси и огромен број на икони. Во „Св. Архангел Михаил“ во Берово, Гаврил работел во периодот од 1899 до 1920 година, а 13 икони во него го носат неговиот потпис. Интересно е да се спомене иконата „Свети Јован Златоуст“, која е изработена на плех и е јужна олтарска врата во црквата во манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Берово. Зографот Гаврил ја изработил оваа икона во 1897 година и при изработката, во нејзиниот долен десен агол оставил запис: „Иконописец Гаврил Атан(асов) Македонец от село Берово, Малеш 1897 година“

Заедно со иконописците Григориј Петсанов и Димитар Папрадишки, Гаврил Атанасов е автор на иконописот во струмичката катедрала „Св. Кирил и Методиј“, изградена во 1911 година. Во 1913–1914 година, ги насликал иконите во црквата „Св. Спас“ во Раздол и „Света Троица“ во Добри Лаки. Поради избувнувањето на војните, Гаврил ја прекинал својата дејност, но ја продолжил во 1920 година. Во 1921–1922 година, работел во црквата „Вознесение Господово“ во Погулево. Во 1919 година, ги насликал иконите за црквата „Св. Ѓорѓи“ во Воиславци. Некои од неговите најубави икони се во црквата Свети Димитар во Смиланци.

Во периодот 1924-1925 година ги насликал сите икони за црквата „Раѓање Богородица“ во Тренчовци, Беровско. Во исто време, Гаврил ги насликал иконите за црквата „Свети Ѓорѓи“ во Град, „Раѓање Богородица“ во Ракитец, „Свети Атанасиј“ во Мачево, Беровско, во беровските цркви „Раѓање Богородица“ и „Успение Богородица“ (1920-1922). Автор е на фреските во црквата „Света Богородица“ во село Двориште, Беровско, и на иконите во црквата „Свети Ѓорѓи“ (1932-1933) во село Сушица, Струмичко. Негово дело се фреските во средната купола и „Света Варвара“ на ѕидот во црквата „Свети Архангел Михаил“ во село Ваксево, Ќустендилско.

Во црквите во Малешево и Пијанец од пописната комисија на Републичкиот завод за заштита на културно-историските споменици се регистрирани 300 икони со различна големина, од кои 41 икона се препишуваат на неговиот син, зографот Борис.

Освен со иконопис, Гаврил Атанасов се занимавал и со фотографија и бил првиот фотограф во Малешевијата. Тој е автор на фотографијата на Даме Груев, кој бил убиен во 1906 година во близина на малешевското село Русиново. Фотографијата е направена со комисијата за идентификација на убиените комити. Во 1934 година, студиото на Атанасов изгорело и голем дел од неговото дело било уништено.

Гаврил Атанасов починал во Берово во 1951 година.

1d-Tiho copy copy copy copy

Подготвил Т.К.