Среда, 24 Ноември 2010    Печати
Борис Сарафов

boris-sarafovБорис Сарафов (12 јули 1872 - 28 ноември 1907) бил македонски револуционер, раководител и војвода. Бил водач на Врховниот Македонски Комитет (ВМК), а после го напушта и станува еден од водачите на Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација. Во текот на Илинденското востание е член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, заедно со Даме Груев и Атанас Лозанчев.

Борис Сарафов е роден во село Либјахово (денес село Илинден, Гоце Делчевско), во Пиринска Македонија. Тој потекнува од преродбеничко семејство - и татко му и чичко му се борат против грчката духовна хегемонија во Македонија. Основното училиште го завршува во Неврокоп (сега Гоце Делчев), а потоа образованието го продолжува во Солунската машка гимназија. Таму е активен во македонските револуционерни кружоци, каде што се запознава со Гоце Делчев.

По завршувањето на гимназијата, во 1890 година се запишува во воено училиште во Софија. Завршува во1893 година и го добива првиот офицерски чин од бугарската армија - потпоручник и служи во 15 пешадиски полк во Белоградчик. Во Софија формира македонски офицерски братства и се запознава со многу идни војводи на ВМОРО (како Христо Чернопеев, Андреј Андреев и др.)

Токму кога во 1895 година Борис Сарафов добива чин поручник, во Софија, од страна на македонски емигранти е формиран Врховниот Македонски Комитет, на чело со Трајко Китанчев.

Борис Сарафов се согласува со барањето на Китанчев тој да учествува во четничка акција во Македонија- Мелничко востание. Многу е важно е да се спомене дека првиот ВМК, под раководство на Китанчев, не е великобугарска организација, туку организација која што се бори за автономија на Македонија, и станува великобугарска кога нејзин претседател станува бугарскиот генерал Иван Цончев.

Целта на ВМК во тоа време е, преку чести навлегувања на чети во внатрешноста на Македонија, да се предизвика интервенција на Големите сили за исполнување од турска власт на познатиот чл. 23 од Берлинскиот договор, со којшто на Македонија и се дава автономија. Командата на една од тие чети му е предадена на Борис Сарафов.

boris-sarafov-2

На 12 јули 1895 година Сарафов со чета од 70 души го напаѓа град Мелник и го зазема. Акцијата добива широк одглас во Европа, а името на Сарафов одеднаш добива голема популарност. Од тој момент, Сарафов се откажува од кариерата во армијата и целосно и се оддава на Македонската револуција. Заедно со Гоце Делчев вршат обиколка во Македонија, каде што се сретнуваат со Даме Груев и ги проучуваат потребите за вооружување и муниција.

Една година подоцна, на VІ македонски конгрес, Сарафов е избран за претседател на Комитетот. Додека тој е претседател, ВМК се претвора во организација што дава логистика на ВМОРО во внатрешноста - т.е. ВМК на ВМОРО му обезбедува инструктори, војводи, муниција, оружје и др. До 1901 година Борис Сарафов работи во соработка и полно разбирање со раководителите на ВМОРО.

Во јули 1901 година Сарафов го нарачува убиството на романскиот новинар Стефан Михаилеану, којшто шири пропаганда и клевети против ВМОРО. Односите меѓу Бугарија и Романија се затегнуваат и бугарската полиција го апси Сарафов. Додека Сарафов е во затвор, во ВМК (што дотогаш е организација што и помага на ВМОРО) се случува преврат, и на чело на организацијата застанува Бугаринот Иван Цончев, кој е генерал во бугарската армија. Борис Сарафов, бидејќи во затвор, не може да направи ништо. Тогаш ВМК се обединува соТракиската организација и се преименува во ВМОК (Врховен Македонско-Одрински Комитет).

boris-sarafov-3

Врховниот македонски комитет околу 1899 - 1900. Седнати: Тома Давидов (потпретседател), Борис Сарафов (претседател),Христо Саракинов (член советник). Прави: Антон Бозуков (член), Владислав Ковачев (член).

Кога излегува од затвор, Сарафов се разочарува од тоа во што се трансформирал Врховниот комитет.

И така Сарафов тргнува да го пропагира ослободителното дело на Македонците низ Европа. Сарафов е многу убав човек, строен, со симпатични црти на лицето и многу харизматичен. Тие негови особини му овозможуваат да стапи во контакт со многу видни личности во Европа и да издејствува материјална подршка за ВМОРО.

Прва земја којашто Сарафов ја посетува е Русија (уште во 1900). Тука стапува во контакт со грофот Игнатиев, баронесата Дистерло и со други високи луѓе на царскиот двор.

Во Виена се запознава со австрискиот гроф Јозеф и со фон Милер (идниот цивилен агент во Македонија). На нив им ја објаснува состојбата во Македонија, и целите на организацијата. Почнува да собира пари за печатењето на весник „L'Effort“. На неколку пати пишува статии во весник „Temps“ во којшто пропагира за македонското дело - тоа ги збеснува Грците.

Сарафов ги обиколува и виенските казина и салони, правејќи познанства со богати луѓе од целиот свет. така на пример во едно казино се запознава со еден богат Англичанец, кој се заљубува во Македонското дело и на Сарафов му дава 8.000 франка. Половина од тие пари Сарафов ги праќа во Софија за купување на оружје, а другите за печатење на весникот „L'Effort“ и весникот „Дело“ (весник што постојано ги критикува врховистите на Цончев).

Во Париз Сарафов има средби со истакнати политички личности на кои им говори за целите и борбата на Македонците.

Во Будимпешта Сарафов се сретнува со претставниците на српскиот двор Балукчиќ и Симиќ, и со нив започнува преговори (Сарафов е првиот македонски деец што започнал преговори со Србија). Тој веднаш ги предупредува Србите дека ВМОРО е вистинската македонска организација а не ВМОК на Цончев - како што вели во неговите спомени: да имаат доверба во мене и моите луѓе, и да се држат настрана од луѓето на Цончев, бидејќи внатрешната организација искрено работи за идејата „Македонија на Македонците“

boris-sarafov-4

На прашањето што ќе се случи со Македонија ако евентуално добие независност Сарафов им одговара:

Јас им реков да бидат уверени дека кога ќе се воспостави автономна Македонија, веднаш ќе се формира најсилна партија, која ќе биде против анексијата (со Бугарија), од која страхуваат Србите. Им реков уште дека таа плејада борци за слободата на Македонија нема да плука врз своите принципи, оти Србија тогаш ќе излезе на море, бидејќи меѓу нас нема да има царински граници.

По средбата со Србите, Сарафов во 1902 година оди во Женева, каде што благодарение на неговиот шарм и дипломатски способности успева да издејствува богати Англичани да му дадат 50 000 франци. Најголемиот дел од тие пари ги дава на младиот студент по право Симеон Радев за печатење во Женева на весникот „Mouvement Macedonien”. Другиот дел го праќа во Софија за купување пушки, а исто така и им испраќа пари на Гемиџиите за извршувањето на познатите Солунски атентати.

Исто така тој се запознава и со ќерката на богатиот Англичанец, која се заљубила во него. Како што се изразува тој во спомените:

И се прилепив јас и на ќерка му на богатиот Англичанец, стара мома, таа  многу го симпатизираше нашето дело.

Дополнително оди во Париз и купува од таму 1.000 килограми динамит, кои ги праќа во Солун за потребите на Гемиџиите.

Кога се враќа во Софија во јануари 1903 година, разбира дека во Солун е донесено решение за дигање на востание. По долги разговори, тој, Гоце Делчев, Ѓорче Петров и други решаваат да формираат чети и да навлезат во Македонија. Во текот на Илинденското востание е член на Главниот штаб на битолскиот револуционерен округ, заедно со Даме Груев и Атанас Лозанчев.

На 28 ноември 1907 година во Софија, заедно со И.Гарванов, бил убиен од Тодор Паница.