Среда, 08 Декември 2010    Печати
Стојан Везенков

stojan-vezenkovСтојан ВЕЗЕНКОВ, (Крушево,1828 - Одеса, Русија, 19. I. 1897) - познат мајстор-градежник, истакнат македонски револуционер, водач, борец за независност на Македонија. Како градежен претприемач (устабашија), 25 години е на високо платена турска државна служба. По порачка од турската влада гради клучни градежни објекти: воената касарна во Битола, мост на р. Марица кај Одрин и на р. Нишава кај Ниш. За својата работа добива султанови признанија и привилегии. Меѓувремено се зближува со влијателни месни турски личности, но и со угледни албански првенци. Бил активен учесник на повеќе буни, заговори и востанија во антитурските војни не само во Македонија туку и по целата Османлиска Империја. Еден од првите дејци за организирање македонско-албанска соработка за ослободување од турското ропство. Учествувал како доброволец во Српско-турската војна, од 1876/77 и во Руско-турската војна од 1877/78. При потпишувањето на Санстефанскиот договор бил делегат од Македонија. Помнењето за Стојан Везенков насекаде останало неизбришано меѓу македонскиот народ.

Стојан Везенков – мајстор градежник, наследник на семејната традиција

Стојан Иван Везенков е роден во Крушево во 1828 година. Одредени автори ја оспоруваат оваа година и сметаат (врз основа на изградбата на битолската касарна во 1837 г.) дека вистинската година на неговото раѓање е 1808 година. Неговите родители, мајката Илинка и таткото Иван Везенкови, како и многу други семејства од тоа време имале пет деца. Од нив тројца биле синови: Стојан, Петре и Константин и две ќерки: Руса и Мара. Татко му Иван Везенков, по потекло Мијак од селото Тресонче, Дебарско, бил познат мајстор кој изградил голем број на куќи во Крушево. Иван Везенков бил прото мајстор, устабашија при изградбата на црквата „Св. Никола“, сместена на влезот од јужната страна на градот а уништена во пожарот во 1903 година.

Стојан Везенков израснал во родната куќа во Мијачкото маало во Крушево, која била една од најубавите во тоа време. Како прв син и најголемо дете во семејството Везенкови, Стојан морал да го придружува и да му помага  во работата. Така го учи ѕидарскиот занаат и ќе израсне во мајстор кого луѓето ќе го паметат. Наследувајќи ја семејната традиција, Стојан Везенков станува ѕидар-мајстор кој каменот и дрвото ќе ги претвора во уметност. Набргу Крушево ќе стане претесен за неговите градителски способности. Стојан Везенков продолжувајќи ја долгогодишната семејна ѕидарско-градителска традиција на своите предци, ќе започне да гради не само во Крушево и Македонија туку и низ целот Балкански Полуостров. Во периодот помеѓу 1840 и 1870 година, Стојан Везенков се сретнува како градител во Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Своето внимание како градител го свртува со изградбата на Исмаиловиот или Смаил беговиот сарај во Битола. Смаил беговиот сарај бил репрезентативен објект, од фино брусен камен, позеленет од времето, изграден во некогашното Емир маало од левата страна на реката Драгор во Битола. Објектот бил сместен во голем двор низ кој течел поток, со голем шадрван и многу цвеќиња. Прекрасниот изглед на објектот го свртува вниманието и на началникот на турската војска во Битола, кој го ангажира Везенков за изградба на пешадиската касарна во Битола. Касарната позната под името Црвена касарна (К`рмз к`шла), била грандиозен објект во кој можело да се сместат осум батаљони војска. За добро изведената работа, во 1845 година С. Везенков бил одликуван (добил сабја) од султанот и е назначен за званичен турски архитект.

Како званичен турски архитект, по препорака на воениот началник од Битола, Стојан Везенков во периодот од 1853 до 1855 година, ќе работи на изградбата на касарната Меџидија во Сараево, а истовремено ќе ивршува и надзор на изградбата на црквата „Св Анте Падовански“. Во градењето на оваа црква во Сараево, посебно доаѓа до израз неговата умешност и стручност при изведувањето на „небото“ со „видеоник“ над средниот дел од објектот. По враќањето од Сараево па се до некаде во 1867 година, ќе изгради три цркви во битолските села, неколку чешми и мост на реката Марица. Правото за изградба на мостот на реката Марица, Везенков кој имал претпријатие за градежништво и трговија, го добил во 1860 година , изградувајќи притоа макета на мостот. Во овој период како царско-отомански архитект со семејството живеел во Цариград. Бил оженет и имал четири деца: два синови Владимир и Александар и ќерките: Рајна и Косара.

Стојан Везенков – истакнат деец во борбата за самостојност на Македонија

По Кримската војна (1853-1856), како еден од најголемите градежници и трговци низ цела Румелија и пошироко, се поврзал со руските и српските дипломатски преставници во Цариград и започнал да работи на ослободителното дело. Стојан Везенков на почетокот се вклучува во црковно просветната борба, а потоа и во револуционерната борба за национално ослободување. Везенков постојано бил во контакт со македонските ѕидари, дрводелци, трговци, занаетчии и др. како во Цариград така и пошироко во Империјата. Тој ги организирал за отпор против Цариградската патријаршија, а и против некои владици на Егзархијата. Како еден од првите македонски дејци во црковната просветна борба, Везенков помагал повеќе деца да се школуваат во Србија за свештеници и учители, а обезбедувал и средства од Србија за отварање на училишта во некои струшки села. Истовремено тој помагал и во градењето на повеќе цркви и манастири во Македонија, со знаење или без знаење на турската власт.

Во 1859 година се запознал со Иван Шумков, револуционер од Крушево и го убедувал да создадат тајна организација, за што пишува и Никола Киров Мајски. Од 1861 г. лично контактирал со руските дипломатски пртставници во Битола, во Солун и во Цариград (Хитрово, Лаговски и Лобанов), од кои добива не само морална, туку и материјална помош за организирање востанички активности во Македонија и во Албанија. Собирал воени тајни за турската војска и ги доставувал до руската дипломатија. Неговата активност била забележана од отоманската власт и под притисок на турскиот гувернатор Омер-Паша бил приморан да се одкаже од претходно добиеното руско државјанство. За да се заштити од турските власти, од својот пријател Рускиот конзул Хитрово, во 1862 година повторно побарал да му се обнови руското државјанство.

Патува по Балканот каде одржува врски не само со Македонците и Албанците, туку и со Србите, и Бугарите . Се запознава и со српскиот дипломатски претставник во Цариград (Јован Ристиќ) преку кого стапува во тајна врска со српската влада, а заради политички причини го префрла семејството од Цариград во Србија. По добивањето на задача во 1866/67 г. од Турците да изгради мост на реката Нишава кај Ниш, кој им бил потребен за воени цели, и откако констатирал дека подлогата за изградба на мостот не е стабилна, а од турските власти не му било дозволено да ја промени локацијата, чуствувајќи дека се работи за замка,  под изговор дека бара добри мајстори го напуштил објектот.

Во овој период, во духот на програмата на Милутин Гарашанин и идеологијата на кралот Михајло Обреновиќ, во 1867 г. С. Везенков ја добива најважната улога и се обидува да организира оружено востание во Македонија и Албанија. Соработува со македонските и албанските првенци и агитира за заедничко востание. Во Албанија воспотавил соработка со албанските првенци Хасан Кока и Сул Кулета, како  и со албанските католици Марко Пренко и Бал Биба. Во извештајот на рускиот конзул од Битола, М.А. Хитров стои дека „Везенков ги уверува дека се подготвил во Мариово, Порече, Копачка, Река и Кичевско“. Уапсен е од турските власти на српско-турската граница и по повеќемесечен затвор во Ниш е осуден на смрт, но при бесењето се скинува јажето и е оставен на доживотен затвор. По многу интервенции и со лично залагање на рускиот император, султанот го ослободува од затворот.

Заедно со Иљо Малешевски, Ѓорѓија Пулевски, Димитар Беровски и други Македонци учествува во битките со турскиот гарнизон во Белград, а потоа во востаничките движења во Европска Турција, како и во Српско-турската и во Руско-турската војна (1877 -1878). Под непосредно раководство на М. А. Хитрово собира доброволци по Србија и Романија и како единствен Македонец е присутен во Цариград при склучувањето на прелиминарниот Санстефански мировен договор. Брат му Константин завршува медицина во Русија и како воен лекар е смртно ранет во Руско-турската војна. Син му Владимир се школува во руската Воена академија и станува висок офицер (подоцна доброволец во Првата балканска војна и автор на книга за Македонија). Закитен со руски ордени (орден за храброст „Св Ѓорѓи“), како пензионер се повлекува со семејството во Русија и животот го завршува во наполно заборавен и во голема сиромаштија. Умира во Одеса, Русија, на 19. I. 1897 година.

Димитрија Чуповски има допири со син му Владимир и е соидејник и соработник со внук му (од брат) А. П. Везенков. Големата слика на Стојан  Везенков е постојано во Бирото на Чуповски, објавена и во списанието „Македонски голос“ (Македонски глас) со висока оценка дека е „виден македонски водач, борец за независноста на Македонија“. За Чуповски, Стојан Везенков е директен претходник на Гоце Делчев и Даме Груев, првите имиња на ВМРО, чии слики се приложени кон неговата расправа, заедно со портретот на Ѓорѓи Пулевски.