Среда, 02 Декември 2009    Печати
Академик Томе Серафимовски

skulptura-od-tome-serafimovski
МАКЕДОНСКИ СКУЛПТОР – СВЕТСКА СЛАВА

ЧУВСТАТА ШТО ГИ ПРЕДИЗВИКУВААТ НЕГОВИТЕО ДЕЛА –ОСТАНУВААТ ВО ДУШАТА


Над 500 скулптури во траен материјал, бронза, мермер, оникс и дрво, или  250 одделни портрети, 170 актови, 100 минијатури и идејни решенија од областа на ситната пластика, 15 анималистички претстави, 10 торза и релјефи, 40-ина изведени споменици и спомен-обележја низ просторите на Република Македонија, на Балканот и во светот
tome2

Томе Серафимовски, македонски скулптор, е роден на 14 јули 1935 година, во с. Зубовце, Македонија. Основното образование го завршува во Гостивар. Во 1957 година, во Сплит, завршува средно уметничко училиште, отсек вајарство, во класата на професорот Жељко Радмиловиќ, а соработува со професорите Иван Мирковиќ и Марин Студин. Едновремено, во периодот од 1955 до 1957 година, работи како сликар сценограф во Народниот театар во Сплит. Потоа, своето образование го продолжува на Академијата за ликовни уметности во Загреб на која дипломира во 1963 година, во класата на професорот Антун Аугустинчиќ. Притоа, во текот на истата година, тој е соработник во мајсторската работилница на својот професор.
skupltura-od-tome-serafimovski2
Во јануари 1966 година, како стипендист на Владата на Република Франција, заминува на студиски престој во Париз. За тоа време, како соработник кај Алиција Пеналба, учествува во реализацијата на повеќе скулптури на оваа позната француска скулпторка. Повеќегодишниот престој во Париз остава видливи траги врз творештвото на Томе Серафимовски.
tome1
Во критиката, тој е ситуиран во традицијата на париската школа останувајќи, притоа, верен на духот на медитеранската традиција. Надоврзувајќи се на искуствата на Мештровиќ и на Аугустинчиќ и живеејќи во светот на Роден, на Бурдел, на Мајол и на Бранкуси, Томе Серафимовски создава величествен свет на скулптури, со исклучително чувство за рамнотежа и за хармонија, движејќи се  успешно помеѓу националното и универзалното.
skulptura-od-tome-serafimovski.3jpg
По враќањето од Париз, кон крајот на 1969 година, извесно време работи како сценограф во Телевизија Скопје. Потоа  живее и работи во Гостивар и во Охрид (од 1970 до 1987) па одново се враќа во Скопје. Притоа, активно учествува на многу југословенски и македонски конкурси и создава голем број споменици.

Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (од 1962 г.). Член е на МАНУ (од 1988 г.), член е на САНУ, во редот на странските членови (од 2003 г.), како и член на Светската академија за уметност и наука, со седиште во Сан Франциско (од 2006 г.).

Томе Серафимовски има создадено, во траен материјал (бронза, мермер, оникс и дрво) над 500 скулптури. Од тоа, околу 250 одделни портрети, повеќе од 170 актови, 100-тина скици, минијатури, идејни решенија од областа на ситната пластика, над 15 анималистички претстави, околу 10 торза и релјефи, а реализирал и 40-ина споменици и спомен-обележја (на повеќе теми) кои се наоѓаат низ просторите на Република Македонија, на поранешна Југославија и во светот.
tome3
Неговите дела се наоѓаат и во повеќе приватни и јавни збирки, во галерии и во музеи, како и во многу други институции ширум светот, како што се во: Галеријата на Бакингемската палата (во колекцијата на принцот Чарлс) во Лондон, Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Ватиканската библиотека, Музејот на друштвото на писателите во Лас Палмас, Гран Канарија, приватната колекција на Силвио Берлускони во Рим, Македонскиот културен центар во Перт, Фондацијата „Кирил и Методиј“ во Софија, Галеријата на Фестивалскиот центар во Варна,  Спомен-куќата „Едвард Кардељ“ во Љубљана, Градската библиотека во Карловац, Музејот на градот Мостар, Народниот музеј во Валево, Галеријата на великаните во МАНУ, Градскиот музеј во Ѓаково, Хрватска, Уметничката збирка на САНУ во Белград, Музејот на современата уметност во Скопје, Драмскиот театар во Скопје, Драмата на МНТ во Скопје, католичките цркви „Срце Исусово“ во Скопје и „Св. Кирил и Методиј и св. Бенедикт во Охрид“, Библиотеката на  ХАЗУ во Загреб, фоајето на Драмскиот театар во Скопје, Уметничката збирка на ХАЗУ во Загреб, како и во други институции во Македонија  и во многу делови од светот.

Во текот на повеќе од педесет години активно творештво, Томе Серафимовски учествувал на околу 300 групни и колективни изложби, а реализирал над триесет самостојни изложби, во земјата и во странство. За своето скулпторско творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија.

Споменици и спомен-обележја

1966.  „Благое Паровиќ“, спомен-биста на комесарот на  13-тиот интернационален батаљон во Шпанија, бронза, поставена во тогашниот Дом на ЈНА во Риека;  
1966.  „Патриотот Владимир Гортан“, спомен-биста, бронза, во дворот на    училиштето  „Владимир Гортан“, во  Риека;
1971.  „Кирил Пејчиновиќ-Тетоец“, споменик,  бронза, во Тетово; 
1974.  „Македонскиот  партизански одред Кораб“, спомен-обележје, релјеф, бронза, во Ново Сел кај Гостивар;
1974.  „Стрелање“, споменик, бронза, во Леуново кај Гостивара;
1975.  „Иљо Антески-Смок“, споменик, бронза, во Тетово;     
1976.  „На обработувачите на силекс“, споменик, седечка фигура во бронза, Кратово;
1979.  „Рафаел Алберти“, спомен-обележје, портрет, бронза, во Паркот на поезијата „Атлантида“ во Гарачико, на Тенерифе;
1982.  „ Народниот херој Вера Јоциќ“, споменик, бронза, во Македонска Каменица;
1984.  „Јосип Броз Тито“, спомен-биста, бронза, во Музејот на КПМ во Тетово; 
1984.  „На македонските рудари“, споменик, бронза, во Македонска Каменица;
1985.  „Пробив“, споменик, бронза, на мостот преку реката Корана, во Карловац;
1985.  „ Академик Михајло Апостолски“, спомен-биста, бронза, на Градските  гробишта Бутел во Скопје;
1986.  „Ѓура Јакшиќ“, спомен-биста, бронза, во Спомен-куќата на Ѓура Јакшиќ, Скадарлија, во Белград;
1986.  „Крава“, споменик, бел цемент и мелен мермер, во Карловачката  индустрија за млеко;
1987.  „Лазар Колишевски“, спомен-биста, бронза, на Градските гробишта Бутел во Скопје;
1988.  „Ежен Гилвик“, спомен-обележје, портрет во бронза, во Палатата Маса, Асоцијација на француските писатели, во Париз;
1989.  „Светите браќа Кирил и Методиј“, споменик, бронза, во  Охрид;
1997.  „Јустинијана Прима“, спомен-обележје, релјеф, бронза, на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во  Скопје;
1998.  „Мајка Тереза“, споменик, бронза, во Скопје;
1998.  „ Мајка Тереза“, споменик, бронза, во Нирнберг;
2001.  „Кочо Рацин“, споменик, бронза, во Велес;
2001.  „Кочо Рацин“, споменик, гипс, во Мултимедијалниот центар во Велес;
2002.  „Раце на пријателството“, споменик, бронза, во Нирнберг;
2002.  „Милтон Манаки“, споменик, бронза, во Битола;
2002.  „Академик Димитар Митрев“, спомен-обележје, бронза, на Градските гробишта Бутел  во Скопје;
2003.  „Скопје '63“,  споменик, бронза, во Скопје;
2004.  „Симфонија на мирот“, споменик, бронза, на Плоштадот „Слобода“ во Скопје;
2005.  „Светите браќа Кирил и Методиј“, споменик, бронза, во Паркот „Св. Кирил и Методиј“ во Белград;
2005.  „Светите браќа Кирил и Методиј“, споменик, гипс, во Ректоратот на
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје;
2005.  „Свети Кирил“, спомен-обележје, портрет, бронза, во базиликата „Сан  Клементе“, во Рим;
2005.  „Претседателот Борис Трајковски“, спомен-биста, бронза, на Градските гробишта Бутел во Скопје;
2006.  „Свети Климент Охридски“, споменик, бронза, на Плоштадот „Св. Климент  Охридски“ во Охрид;
2006.  „Свети Климент Охридски“, споменик, гипс, во Архиепископијата на МПЦ – Охридска архиепископија, во Скопје;
2006.  „Панко Брашнаров“, спомен-биста, бронза, пред зградата на Советот на Општина Велес;
2007.  „Архиепископот  Доситеј“, споменик, бронза, пред Соборниот храм  „Св. Климент Охридски“ во Скопје;
2007.  „Архиепископот  Доситеј“, споменик, гипс, во Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, во Скопје;
2007.  „Петре Прличко“, спомен-биста, бронза, во Велес;
2007.  „Тарас Шевченко“, спомен-биста, бронза, во Скопје;
2008.  „Људевит Гај“, споменик, полуфигура, бронза, во центарот на Загреб;
2008.  „Мајка Тереза“ споменик, бронза, во Ватикан, височина: 290 см;
2009.  „Претседателот Борис Трајковски“, спомен-биста, бронза,  пред
Повеќенаменската спортска сала „Борис Трајковски“, во Скопје;
2009.  „Кочо Рацин“, спомен-биста, бронза, во Самобор.

Самостојни изложби 

1956.  Гостивар, Голема сала на Синдикатите на градот, масла на  платно,  скулптури и цртежи, прва самостојна изложба, јули;
1965.  Риека, Галерија на Домот на ЈНА, скулптури и цртежи, мај и јуни; 
1967.  Париз, Галерија на КИЦ на Југославија, графика,  април; 
1974.  Скопје, Центар за култура и уметност, Македонска преродба, скулптури и цртежи, јануари и февруари;
1974.  Делчево, Дом на културата, Фестивал „Гоцеви денови“, Македонска преродба, скулптури и цртежи, мај; 
1975.  Белград, Галерија на Домот на ЈНА, Македонска преродба, скулптури и цртежи, октомври и ноември;                                                           
1976.  Охрид, Галерија на Домот на културата, по повод „Прличеви беседи“, скулптури и цртежи,  февруари;
1981.  Охрид, Галерија „Серафим“, свечено отворање на Галеријата, скулптури и цртежи, јуни, јули и август;
1982.  Белград, Галерија на Културниот центар „Врачар“, скулптури и цртежи, јуни;
1983.  Карловац, Галерија „Зорин-дом“, Македонска преродба, ноември и декември;
1986.  Карловац, Градска галерија, скулптури и цртежи, мај;
1986.  Мостар, Хаџи-Меѓиина џамија, Фестивал „Мостарско лето“, Македонска преродба, скулптури и цртежи, јули и август;
1987.  Белград, Галерија „Ѓурина куќа“,  Скадарлија, Современ портрет, скулптури, април;
1987.  Карловац, Галерија „Зорин-дом“, Современ портрет, скулптури, мај;
1987.  Скопје, Галерија  „Даут-пашин амам“, Современ портрет, скулптури, јуни;
1989.  Скопје, Ликовен салон на МАНУ, скулптури и цртежи (пристапна изложба),  април и мај;
1991.  Лас Палмас, Гран Канарија, Ликовен салон во Палатата на писателите,  скулптури, февруари;   
1991.  Ла Лагуна, Тенерифе, Ликовен салон  „Оскар Домингез“, скулптури,  март; 1992.  Лагос, Државен музеј на Нигерија, скулптури и цртежи, февруари;
1992.  Софија, Галерија „Криде арт“,  скулптури и цртежи, октомври и ноември;
1993.  Скопје, Ликовен салон на МАНУ, скулптури и цртежи, мај и јуни; 
1993.  Њујорк, Зи-Галери 42, скулптури, коњи и женски актови, септември;
1994.  Шумен, Република Бугарија, Центар за меѓународни пројави, скулптури и цртежи, април и мај;
1994.   Варна, Република Бугарија, Галерија на Конгресниот центар, скулптури и цртежи, мај и јуни; 
1995.  Скопје, Ликовен салон на МАНУ, скулптури и цртежи, мај и јуни; 1997.  Нирнберг, СР Германија, Галерија на Градската куќа, скулптури цртежи, јуни; 
1997.  Скопје, Книжевно-ликовен салон „Ѓурѓа“, скулптури и плакати, октомври;
1998.  Париз, Галерија на Сити интернасионал де арт, скулптури и цртежи, мај;    2000.  Скопје, Ликовен салон на МАНУ, скулптури и цртежи, мај и јуни;
2002.  Белград, Галерија на САНУ, скулптури и цртежи, мај и јуни;
2003.  Скопје, Музеј на Град Скопје, портрети, септември и октомври;
2005.  Скопје, Ликовен салон на МАНУ, Духовноста и преродбата, скулптури и  цртежи, декември; 
2008.  Загреб, Глиптотека на ХАЗУ, Ретроспективна изложба, скулптури и  цртежи, април и мај; 
2009.  Нови Сад, Галерија на Огранокот на САНУ во Нови Сад, Платонеум,  скулптури и  постери, октомври. 

Награди и признанија 

1965.  Сојузна награда за скулптурата „Мир“, на изложбата: „20 години на ООН“, Словењ Градец, Словенија; 
1972.  Втора награда за скулптура, Друштво на ликовните уметници на Македонија; 1974.  „4 Јули“, Сојузна награда за скулптура;
1976.  „11 Октомври“, Награда на Република Македонија за 1976 година;
1977.  Втора награда за „Споменик на Револуцијата“, во Тетово (Сојузен конкурс, прва награда не е доделена);
1977.  „18 Октомври“, Награда на градот Гостивар;
1985.  „Нерешки мајстори“, Награда на Друштвото на ликовните уметници на  Македонија;
1987.   Златна повелба, за 30 години уметничка работа и за изработка на скулптурата „Ѓура Јакшиќ“, Самостојна забавно-амбиентална целост  Скадарлија, Белград;
1991.  Monumento Historico Artistico Medallade Oro de lu  lindad, Ilmo
Gabineto Literarió de Las Palmas de Gran Canaria;
1998.  „Арт егзодус '98“, Награда за скулптура, Друштво на ликовните  уметници на Македонија;
2000.  „11 Октомври“, Наградата на Република Македонија за долгогодишни значајни остварувања во областа на културата и уметноста;
2003.  „13 Ноември“, Награда на Град Скопје; 
2005.  „Духовен воин“, Награда  на Асоцијацијата Македонски духовни конаци, Скопје, Македонија;
2008.  Орден на Загрепската надбискупија, доделен од надбискупот Јосип кардинал Бозаниќ, Загреб, Хрватска;
2008.  Благодарност од  ХАЗУ, Загреб, Хрватска;
2008.  Апостолски благослов од Неговата светост Бенедикт XVI, Ватикан;
2009.  „Мајка Тереза“, Државна награда на Република Македонија;
2009.  Орден на Редот на хрватските плетери, доделен од Стјепан Месиќ, претседател на Република Хрватска.

Минатата година, во село Зубовце, во  спомен на неговите предци и на неговото родно место, како духовно огниште, беше осветена црквата „Св. апостол Тома“ чиј ктитор е Томе Серафимовски. Иконостасот во оваа црква, дело на ктиторот Серафимовски,  критиката го смета за многу необичен бидејќи, како плод на неговата духовна и скулпторска имагинација, авторот  таму ја транспонирал пиктуралната слика во икона и бидејќи е изработен во единствена техника, барелјеф во брноза, што се смета за прв пример во поновата уметност.

Л. У.