Среда, 14 Октомври 2015    Печати
Јас постојам!

violeta-sekovska

Народе Македонски!
Браќа и сестри
од Пирин Егеј, до Гора висока,
зад облаците расфрлани.

Откорнати од мајчини очи
оставени со скршени зборови,
исчезнати во својата далечина,
да викнам, да офнам
ил’ коси да откорнам?

Не. Решив да постојам!
Јас сум Македонка
и самата со себе да живеам,
корените да не заборавам,
обременета со тежината,
со вечната грижа,
заедно со минатото,
во немир и неспокој
ќе пишувам песни
за вистината.

Тоа е тајната на слободата.
Решив да постојам!
На оваа земја напатена,
со крв јуначка напоена,
од пепелта воскресната.

Во пепелта сива
од древноста чекори има,
од моите и ваши претци.
Да не чекорам, без чекор,
да не лебдам по земја,
да не дишам, без воздух,
да не ослепам пред вистината.

Со три свеќи в рака
благослов да понудам
за љубовта, вербата и надежта
на светот ќе пркосам.
Јас решив да постојам!

Виолета СЕКОВСКА