Среда, 30 Декември 2015    Печати
Беломорска тага

Таму далеку крај Белото Море,
во едно парче македонска земја
откинато од мајка страдалничка,
таму се коските на моите предци,
таму се коските на моите дедовци,
коските на моите предци Беломорци.

Коските свети под урнатините,
во темелите на огништата згаснати,
коските на цел глас врескотат,
крикот нивен до бескрај се слуша,
со исконски пркос а не со покор,
аманет за правда праќаат до нас.

На гробот свеќа да им запалиме,
браздите ние да си ги доораме,
браздите заорани од дедовците,
нивите ние да си ги докопаме,
огништата стари да ги обновиме,
заветот наш да го исполниме.

Корените не се корнат така со лесно,
најдлабоки жили низ камен протегнале,
на четири страни гранки рашириле,
цветовите нивни со бои божествени
низ цел свет семе наше расеале,
наши песни беломорски распеале.

Од кого сега правди да бараме,
правди за нашите болки и разделби,
за децата од мајчини пазуви одвоени,
за браќа и сестри по светот расеани,
за ората наши сред село недоиграни,
за песните наши од тага испеани.

Оние ли сега за правда да ги молиме,
оние што сакаат да не сотрат за навек,
зборот наш македонски да ни го замрат,
светото име македонско да ни го грабнат?

Нека им суди нашата болка преголема,
и нашата чемерна тага беломорска.

rozita-hristova
Розита Христова