Среда, 20 Ноември 2019    Печати
ПЕЧАЛБАРСКИ СОН

Pande ManojlovПанде Манојлов

ПЕЧАЛБАРСКИ СОН

На Мајк Видиновски

Гуд ивнинг,
мистер Мајк!
Добра ти вечер,
пријателу драг,
пријателу од детството,
пријателу
од соседното село,
пријателу
од социјализмот стар!
Добра ти вечер,
на месинџер ти викам,
на ликот твој
зборувам ко на авет,
зашто авет сум и јас,
на ликот зборувам
со збрчкано лице,
и некако, спомените,
душа ми парат...
Тешко ми е пријателу,
и пријателски да прашам
како си,
како е во Канада,
како се дише
и како се старее таму
далеку
од грутката родна,
далеку од Крстоар
во битолско негде?
И дали таму,
во Торонто,
се старее исто
како и ваму,
во Македонијата
мила и наша?
Јас сум стар веќе,
со збрчкани образи
и седа коса,
со износени чевли
на селските нозе
и старо громби палто
на старите плеќи
што чинеше
цел тон јаболка
од нашите бавчи,
или вагон домати
на Словенците
што им го плаќавме
со литри пролеана пот!
Ти, печалбар и мистер,
маченик македонски
во туѓа земја,
верувам,
живееш добро
и добро ти мислам,
мој пријателу стар
Видиновски Мајк,
но кажи ми само едно:
Македонија
виновна ли е
за судбината наша?
Или пак тие
од памтивека
што судбина ни кројат
не заколнаа клето:
едни в туѓина да умираме
а другите, тука,
меѓу лиоти и ѕверки
што не делат,
што не чречат и парчат
и денес по толку века?
Прости ми и сори,
мистер Мајк,
мој пријателу драг
лесни нека ни бидат
соништата
во две татковини
под исто небо:
и во Канада
каде ти ја сонуваш
Македонија,
и јас тука,
во старата стреа
каде Канада
и Австралија,
старечки,
блудно, во буден сон
само ги сонам...