Среда, 01 Јануари 2020    Печати
Кога пишувам песна за Македонија

Savo 1Саво Костадиновски

Кога пишувам песна за Македонија

На еден таков чувствителен начин, преку копнежот и носталгијата, јас со
децении сум го слушал тој драматичен повик, кој прави нераскинлива врска меѓу откорнатикот и татковината. Затоа, во многу мои песни се чувствува носталгијата, таа печалбарска прокоба. Без оглед каде сум се наоѓал, некаде по светот или во родниот крај, животната крилатица – татковината е љубов – е мој постојан придружник.
Во оваа пригода, драги , издвоив неколку мои песни во кои ги опевам Македонија, мајчиниот јазик, сонцето над нашата земја….
Со љубов,
Саво Костадиновски

Savo 2

Кога пишувам песна за Македонија

Кога пишувам песна за Македонија,
мислите длабоко, длабоко ми тонат,
и, чинам, од камбаните крушевски –
илинденските напеви долго ми ѕвонат.

Кога пишувам песна за Македонија,
го гледам Гоцета со лице сакано,
го гледам Питу, Сандански, Карев,
што создадоа прва Република на Балканот.

Кога пишувам песна за Македонија,
пред моите очи стои една драга слика:
Прилеп со својот востанички Октомври –
победоносно по Илинден в радост блика.

Кога го гледам манастирот „Прохор Пчињски“,
ми се разбиструва и ми станува јасно:
ние постоиме затоа што ги имавме
и Илинден, и Октомври и светиот АСНОМ!


Должни сме…

Должни сме
кон татковината
сите ние:
зборот да го чуваме
и за неа секогаш
со гордост да зборуваме.

Должни сме
кон татковината
сите ние:
песната да ја чуваме,
да ја пееме
и со гордост
да се радуваме.

Должни сме кон татковината
сите ние:
да ја сакаме
да ја цениме
и почитуваме

и -каде и да отпатуваме
по светот бел –
татковината мила
да не ја забораваме-
да ја посетуваме.