Среда, 29 Април 2020    Печати
Јас паднав и не жали ме

kristijan

Кристијан Јандриоски

Јас паднав и не жали ме,
ниту го барај моето име во тревата.
Јас паднав за Родината,
зашто Родината света
поскапа е од мајка
на мајките таа е мајка –
Жална Македонија!

Телото и' го распарчија
алчни, побеснети пцишта,
со кундаци и ками
името и' го ништат.
Јас паднав, но не жали ме
ниту го барај моето име во тревата.

Јас паднав за Родината,
зашто Родината света
помила е од мајка,
на сите сираци мајка,
на сите вдовици мајка –
Жална Македонија!

Ти само расти и помни:
кој ти го уби дедо ти,
кој ти го закла татко ти,
кој ја обесчести мајка ти,
кој ти ја запали куќата,
кој ти го украде сонот,
кој ти го грабна залакот.

A кога ќе ја откопаш
мојата стара берданка,
не жали дека паднав –
јас паднав за Родината,
туку префрли ја на рамо
и фати ја планината!

НАД ОВОЈ ГРОБ НЕ ТАЖИ
СЕКОГАШ ИМА ИЛИНДЕНИ
САМО ДА ИМА МАЖИ.