Среда, 01 Април 2015    Печати
На Македонија и` се потребни Македонци, кои ја сакаат државата и ја спроведуваат идеологијата

makedonija-na-makedonciteВо велигденскиот пост сме, пост пред најголемиот Христијански празник Велигден- воскресение на Исус Христос. Ден кој не` потсетува колкава е љубовта спрема човештвото од Бога и колку е безгранична и неизмерна љубовта со која се сака „ближниот“. Ние, верниците си ја прочистуваме душата со пост, преку храната за телесното прочистување но, и преку духовно постење, кога не се зборуваат глупости, не се мисли лошо.

Сега е време на тага, а постот треба да ни ја прочисти душата, црквата да ни ги помири политичарите, чедата Македонски. Но, ете, пак пустиот не мирува... Им копа по продадените души на многумина со погани јазици, неверници.

Денес кога се отвараат клучните прашања за Македонија, кога е најпотребно сите да бидиме сплотени против промената на името, на идентитетот и јазикот, повторно спротивставените мислења за решавање на битните национални прашања го делат македонскиот народ.

Страшно проклетство кое го влечеме низ вековите.

Дали ПАТРИОТИЗМОТ кој што ни е потребен денес, значи само човеково топло чувство за земјата во која е роден? Или патриотизмот значи пред се` врела љубов за народната традиција и јазик? Има само две најголеми чувства кои се две најголеми духовни богатства, со кои и најсиромавиот човек не е сосема сиромав, тоа се патриотизмот и верата. Без овие чувства човекот е пропаднат. Кој ја сака својата татковина тој секогаш живее под големото сонце, во големиот простор, во големата заедница, како што човек кој искрено верува во Бог не е никогаш сам и безнадежен.

Најголемиот дел од македонскиот народ застана во одбрана на аманетот што ни го оставија нашите претци, „Македонија на Македонците“, но модерните “јаничари“ едноставно заборавија дека народ без корен лесно ќе го одува ветерот, а со тоа и самите нив, зошто станаа луѓе од „ниедна вера“.

Покрај искрените македонски патриоти, од кои многумина во борбата за доброто на Македонија ги жртвувале и своите животи, имало, а за жал има и денес, лабилни карактери, превртливци и користољубци. Го живееме времето на остварување на македонскиот сон, време на новата Македонска ера. Ќе опстоиме и ќе победиме само ако веруваме во Бога и во себе, само ако бидеме единствени и непоколебливи. Затоа потребно е да останеме сплотени како никогаш до сега. На Македонија и` се потребни Македонци, кои ја сакаат државата и ја спроведуваат идеологијата: МАКЕДОНИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ!

Само како МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНЦИ сме придобивка за Европа и светот! Затоа, верувам дека и нашите модерни јаничари ќе смогнат разум и храброст да се соочат со реалноста дека МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНЦИТЕ постоеле, постојат и ќе постојат и конечно ќе престанат да ја оцрнуваат државата на која секојдневно се повикуваат дека ќе ја бранеле.

Нашите дејци и востаници велеле: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех, јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба. Само сите заедно можеме да ја постигнеме целта“.

Македонска нација