Среда, 06 Мај 2015    Печати
Ѓурѓовден во Битуше

gjurgjovden

Верски, но и световен ден, со кој се празнува и одбележува будењето на природата и испраќањето на гурбетчиите на печалба.

Ѓурѓовден го менува денот но датумот не. Секогаш е на 6 мај.

Спроти празникот, на петти мај попладнето се оди По билки.  По билки одат и стари и млади, и мажи и жени. Обично и најчесто се оди на Рудина, месност што се наоѓа спроти селото. Со себе сите носат црвени велигденски јајца и откако меѓусебно ќе се искршкаат, пеат:

Дај море Ѓурѓе, млад Ѓурѓе,
да кој ти рече да доеш?
Мене ми рече Велигден,
Велигден со све Ѓурѓовден,
со шуми трева пред него,
со солунците по него...

Така низ песна се објавува будењето на природата, но и кинисувањето на солунците (гурбетчиите) на печалба...

Напоредно со пеењето на оваа, но и на други песни се берат билки, разни цвеќиња и расцутени гранки од родни дрвја. Девојките и младите невести китат разни венчиња, ги ставаат на глава, пеат и играат речиси до самиот мрак.

Меѓу другите песни ја пеат и оваа:

Кога начас, горо, се промена,
се промена, горо, во цутои,
во цутои, горо, и цвеќиња,
и со шума, горо, и со трева...?
Од роса ми трева раззелена,
од ветор ми шума разлистала...

Со веќе набраните билки се враќаат дома и ги закитуваат влезните порти, бутинот и котарите каде што е сместен добитокот. Ѓурѓовденското зеленило најавува бериќетна и родна година и секако среќен пат на гурбетчиите што тргнуваат на печалба.

На празникот на шести мај, уште во раните утрински часови жените и девојките облечени во свечено невестинско, односно девојчинско руво најнапред одат в црков, на Утринска Божесветан литургија, а потоа В добје, каде што исто така берат билки и расцутени гранчиња од родни дрвја и притоа ја пеат ѓурѓовденската:

Дај море Ѓурѓе, млад Ѓурѓе,
да кој ти рече да доеш?
Мене ми рече Велигден,
Велигден со све Ѓурѓовден.
Со шума трева пред него,
со солунците по него...

Откако ќе наберат билки, ќе скршат расцутени гранчиња  и ќе нанижат цветни венчиња за на глава. Со билките во рацете и венчињата на главите, низ песна вртат повеќе кругови околу црквата Св. Илија.

Слагај билке од планина,
билјаро, билјаро,
те викаше свекрвата,
билјаро, билјаро,
ти плачело мошко дете,
билјаро, билјаро,
качите го на оревот,
ќа задуват силен ветор,
ќа заспијет мошко дете,
билјаро, билјаро...

Но, покрај песните во кои се пее за будењето на природата, се пеат песни за овците и овчарите, кои со разлистувањето на шумата и раззеленувањето на  ливадите се качуваат на шумските и планинските пасишта.  До пред педесетина години на минатиот век токму на Ѓурѓовден се забранувало пасењето на добитокот во ливаѓето над селото. Еве и три ѓурѓовденски песни со тематика за овците и овчарите:

Не гази цвеќе, Стале овчаре,
токо бери го.
И да го бера, Радо девојко,
кој ќа го носет?
Имаш невеста Стале овчару,
цвеќе да носет.
Мојата невеста Радо девојко,
мошне је груба.
Мошне је груба, Радо девојко,
цвеќе да носет.

И песната:

Сонце ме зајде, мале ле мајко,
на врв планина.
Едно ме зајде, мале ле мајко,
друго ме огреа.
Друго ме огреа, мале ле мајко,
овчар помина.
Овчар помина, мале ле мајко,
со бело стадо.
Со бело стадо, мале ле мајко,
и калеш јагонца.
И ја останав, мале ле мајко,
в руда планина.
В руда планина,. мале ле мајко,
со бело стадо.
Со бело стадо, мале ле мајко,
и калеш овчарче.

И песната:

Перунике, убава девојко,
тивко пееш, далеку се слушаш.
Чул те овчар, горе во планина,
ми оставил трло отворено,
ми оставил стадо неброено,
ми кинисал тебе да те нает
да те нает во гора зелена.

Со билките невестите и девојките се враќаат дома. Ги закитуваат влезните врати, бутините и котарите, со што симболично во домовите се внесува духот на разбудената природа, а со тоа и надежта за бериќетна и родна година.

Од книгата Битуше, празници, традиции, верувања, од Гале Фиданоски