Недела, 07 Јуни 2015    Печати
ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ОПШТИНА ПУСТЕЦ

mala prespaМАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО АЛБАНИЈА

ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА НА АЛБАНИЈА ПРОМОВИРА ИЗБОРЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО ОПШТИНА ПУСТЕЦ

7 јуни 2015 година, Пустец, Албанија - Вчера во општина Пустец престојуваше висока делегација на Државната изборна комисија на Албанија предводена од претседателката Лефтерие Лузи. Делегацијата беше примена од градоначалникот на општина Пустец Едмонд Темелко и генералниот секретар на Македонската партија Васил Стерјовски.

Со делегацијата на Државната изборна комисија од Тирана во Пустец допатува и Нико Китани, член на Државниот комитет за малцински етнички заедници во Албанија при кабинетот на претседателот на Рдпублика Албанија, како претставник на Македонската заедница. Во Државниот комитет за малцински етнички заедници кој го раководи претседателот на државата по еден член имаат сите малцински етнички заедници во Албанија: Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците и Еѓиптјаните.

Делегацијата на Државната изборна комисија на Албанија во општина Пустец изврши промоција на изборниот материјал на македонски јазик, имајќи предвид дека после новата територијална организација на локалната самоуправа, од вкупно 61 општина, само две општини имаат специјален статус, општина Химара како општина на Грчката етничка заедница и општина Пустец како општина на Македонската етничка заедница, со еднакви права и надлежности како и сите останати општини во Република Албанија.

Имајќи предвид дека гласачките ливчиња се бројат во општините, се очекува Општинската изборна комисија на општина Пустец веднаш да ги соопшти изборните резултати после гласањето на 21 јуни 2015 година. Во општина Пустец ќе се гласа на девет гласачки места во Горна Горица, Туминец, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Леска, Пустец, Зрноско и Церје.