Среда, 13 Јануари 2010    Печати
Вевчанскиот карневал, Свети Василиј Велики и традиционално гонење на злото
Вевчански карневал
Традиционалниот Василичарски карневал, за време на верскиот празник посветен на Свети Василиј Велики се одигрува повторно во Вевчани, каде започна паганскиот обичај на изгонувањето на злото. Манифестацијата започна со импровизиран саем за алтернативен туризам и концерт на Владо Јаневски, Влатко Стефановски и групите Милко и Рибља Чорба,а овие денови се прекрасно збогатени со маскирани лица, од мештани и гости со традиционалниот маскенбал и обичаите поврзани со него.

Оваа година за прв пат до сега се изготвува каталог- базар- Новогодишниот базар на кој ќе се претстават ракотворци и производители на домашни сувенири.

Вевчанскиот карневал е нешто што не може да се опише лесно низ зборови, треба да се присуствува на Карневалот за да се осети вевчанскиот дух и мајтап и да се види дека во Вевчани на никого не му се простува, ниту на големец, ниту на обичен човек. Едноставно маските се вистински приказни, исмевање, традиција и секојдневие. Се во духот на шегата, иронијата и обичајот.

Вевчанскиот градоначалник Перо Илиески, пак, испрати повик до сите од земјава и гости, да го посетат, проживеат карневалот. Да дојдат на Карневалот, да го осетат духот на вевчанецот под маска и да ги видат маскираните деца, кои се гаранција дека традицијата продолжува низ времето и ќе го победи времето кое доаѓа.

„Се може да се одложи, само Вевчанскиот карневал не“ е традиционална вевчанска поговорка со која вевчанци знаат да му покажат на светот дека народ што има обичаи и традиција не може да изумре. Колку и да е познато она што ќе може да се види овие два дена, Вевчани сепак ќе изненади со присуството на новите маски затоа што секоја маска почнува да се обмислува и креира со завршувањето на претходниот карневал.

Корените на Вевчанскиот карневал се од паганството, а неговата долгогодишна традиција претставува спој на митското и прастарото со современото. Во последно време традицијата се менува и се повеќе жени се маскираат и учествуваат на Карневалот. Тие порано не само што не смееле да учествуваат, туку и не смееле да присуствуваат и да ги гледаат маскираните мажи. Карневалот има интернационален дух бидејќи учестуваат се повеќе гости од странство. Досега покрај многубројни посетители од многу земји, интерес пројавиле многу соседни земји и присуствувале нивни претставници и имало учесници од Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Турција.

Годинашни организатори на Вевчанскиот карневал се Тетрагон, Асоцијацијата за алтернативен туризам „Балканика“ и здружението „Деница“, а традиционални поддржувачи се министерствата за култура и економија. Вистинскиот настан се случува токму овде во македонското мало вевчани, за кое надалеку се слуша, за неговото гостопримство и карневалот запишан во карневалите од светски ранг.

Клеопатра