Понеделник, 24 Мај 2021    Печати
Виолета Ачкоска : 24 мај е денот на големите сесловенски просветители Св. Кирил и Св. Методиј

1viol 1

По потекло од Солун, од угледното семејство на Лав и Марија, спаѓаа во најобразованите луѓе во тогашното Источно Римско царство, заради што биле ангажирани за извршување на различни дипломатски и мисионерски задачи.

Во 862 г. биле испратени на нивната трета мисија – описменување и покрстување на Словените, заради што ја составиле словенската азбука глаголица и ја превеле Библијата на старословенски јазик.

Борејќи се за рамноправност на словенскиот јазик во христијанската богослужба, тие оставија длабока трага во европската цивилизација на различитостите, заради што од страната на Ватикан се признаени за патрони на Европа.

Имав прилика еднаш да се затекнам со моите колеги од Филозофски факултет, токму на 24 мај во Рим. Сакавме заедно со државната делегација да влеземе и ние во црквата. Но, никаде ги нема. Пред тоа на брзина влезе бугарската делегација, не разбркаа таму каде што седевме. Почнавме да се нервираме. И наеднаш слушаме прекрасна македонска музика. Колона од млади Македонци од општината Пјаченца, со македонски знамиња, во народни носии доаѓаат пред црквата. Срцето почна да ми се полни со радост.

Пристигна и официјалната делегација. Полека влегуваме во црквата Сан Клементе. И наеднаш, река млади средношколци од гимназијата од Битола, облечени во црвени и жолти маици го исполнија мрачниот простор околу гробот. Гледав со поглед замаглен од солзи. Црквата огреа со македонското сонце. Почна пеењето. Ние, неколкумина историчари стоевме и плачевме полни со емоции.

На македонската телевизија дадоа некој штур извештај за честувањето. А јас се прашував, како не можеле да ја почуствуваат таа енергија, таа убавина!? Дури и некои странци застанаа и прашуваа: Што се случува, што е ова? Ова е МАКЕДОНИЈА, им одговорив.

Честит празник Македонци!

1viol 2 Виолета Ачкоска