Четврток, 27 Мај 2021    Печати
Мицкоски од Прилеп му порача на Зоран Заев да не си поигрува со идентитетот на граѓаните на Република Македонија

1mickoski27

Република Македонија заслужува почеток на преговорите со ЕУ уште во месец јуни, без дополнителни отстапки и национални концесии

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес беше во посета на градот Прилеп, каде што даде и своја изјава и одговори на повеќе новинарски прашања меѓу кои и на прашањето за односот со Република Бугарија и средбата помеѓу Радев и Пендаровски. 

Мицкоски потенцираше дека Република Македонија треба да отпочне безусловни преговори за влез во ЕУ уште во јуни месец, бидејќи тоа не е нешто кое што Република Македонија го бара како милостина, туку таа тоа го заслужува. 

Мицкоски додаде дека Република Македонија е една од земјите која што направила најголем број отстапки и доживеала незаслужени понижувања во однос на националниот идентитет и токму поради тоа Европската унија треба да има в предвид дека нашата држава заслужува членство во ЕУ ден поскоро. Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ треба да го знаат сите во администрацијата во Брисел, како и Европскиот совет, додаде Мицкоски.

Доколку Владата на Република Македонија изминатите неколку години работеше на вистински реформи во врска со правосудството, здравството, образованието, економијата, тогаш Република Македонија ќе имаше уште поголем број аргументи на своја страна во преговорите со ЕУ. Поради тоа што Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ ја урниса државата и ги клекна на колена образованието, здравството, економијата и целото општество, сега притисокот е директно врз нив и од нив се очекува да престанат со националната распродажба и расфрлањето на историјата на Република Македонија, вели Мицкоски.

Мицкоски од Прилеп му порача на Зоран Заев да не си поигрува со идентитетот на граѓаните на Република Македонија и да не се обидува повторно да потпишува договори и преговори во кои во било каква реченица ќе се негира македонскиот идентитет и постоењето на македонската историја, бидејќи тогаш капитулацијата ќе биде дефинитивно потпишана, а оттука враќање нема. 

Владата која што ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема намера да почитува вакви договори, тоа нека го знаат и бугарските власти. Ако е потребно, Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ еднострано ќе го напушти таквиот договор, без разлика на политичките реперкусии врз мене лично или врз ВМРО-ДПМНЕ. Ние нема да прифатиме отстапување на никакви дополнителни национални концесии, ВМРО-ДПМНЕ е дециден во однос на ваквиот став, заврши Мицкоски.