|
||||
Гоце Делчев – Знаме и симбол во борбата за слобода- Вечен патоказ за Македонија! |
153 години од раѓањето на Гоце Делчев Не постојат доволно страници да се испише и објасни големината на големиот револуционер, идеолот, борец за слобода – Гоце Делчев. До ден денес светските историчари пројавуваат голем интерес за неговиот лик и дело и секојдневно прелистуваме илјадници страници како во домашните изданија така и во светските. Бил наречен македонски Гарибалди дека беше Човек во вистинска смисла на зборот, човек кој се бори за слобода, демократија, независност. Рускиот публицист Н.Г. Чернишевски запишал: Силните личности настаните ги забрзуваат или го запират нивниот тек и со својата надмоќна сила ја пренесуваат правилноста на хаотичното бранување на силите што ги движат масите. Се појави на македонската сцена во тешко, специфично време а токму Гоце му даде прогресивен печат, му вдахна револуционерен дух на времето. Се жртвуваше за да ја изведе Македонија на патот кон слободата, го направи она што никој дотогаш нити било кога не може да го направи. Гоце Делчев е свето знаме, високо кренато и со победоносен дух. Весникот Советска Македонија од 8 март 1923 година му дава високо признание и го става во редот на чесните, смелите и незасенчени идеалисти. За неговата несмирена страст против ропството тој изјавува ‘До кога ние ќе им робуваме на овие бегови и аги, до кога ќе не плашат кајмаками и полицајци. Зошто македонскиот народ е должен да води таков живот, да ги храни тие крлежи што се впиле во снагата народна, Зарем Македонците не се храбри и јуначни? Кој смее да каже дека Македонците не се способни да ја извојуваат својата слобода, да ги урнат тираните, да се исчистат од крлежите ‘ Гоце Делчев при едно обраќање во Ваташа. Токму Гоце Делчев е една силна личност за каква пишува Чернишевски. Неговото име зрачи како сонце и ден денес, тоа e синоним за непокорност, јака воља, истрајност до конечна победа. Гоце е симбол во борбата за слобода, со неговата појава се ставило на пиедестал македонското национално ослободително движење, ги поттикна и раздвижи историските настани, ја разбуди свеста за слободна Македонија. Секогаш им велел на своите соборци - Да бидеме готови да ја пресретнеме смртта, да ја пресретнеме и победиме! Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава. Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер. Веста за неговата смрт брзо се раширила низ Македонија и никој не можел да верува во тоа. Ѓорче Петров забележал: Јас бев овде, кога се слушна за смртта на Делчев, Страшно бев поразен. Ја криевме неговата смрт извесно време. Со неговата смрт осиромашуваше цел народ. Британскиот новинар Џон Мекдоналд во Дејли Њуз објавил: - многу години беше душа на револуцијата во Македонија, Делчев беше идол на десетини илјади македонски селани. Европските читатели претпоставуваат дека Борис Сарафов е водач на револуцијата. Борис Сарафов не е повеќе од водач на една боречка чета...Вистинскиот водач во последните неколку години беше Георги Делчев. Во хрватскиот весник Хрватско право од 8 мај 1903 пишува – Делчев е маркантна личност меѓу мажите што работаат во солунското подрачје. Тој е тичичен претставник на револтот на народот.. Во загрепскиот весник Обзор од 13 јуни пишувало – Делчев беше енергичен водач на Внатрешната македонска организација, со Делчев падна човек што беше душа на револуционерното движење во Македонија. Со неговата смрт и беше зададен тежок удар на Внатрешната организација и нејзините цели. Голем простор одделен за објави за Гоце Делчев сведочи за големината на неговиот лик и дело, за тоа што значеше тој за Македонија. А секако неговата позната мисла: Јас го разбирам светот како културен натпревар меѓу народите – е се уште насекаде прифатена и со гордост се цитира на значајни манифестации како во Македонија така и во светот. Од странски автори кои се интересирале за македонската проблематика а посебно за Гоце Делчев бил и рускиот историчар В.И Зуев кој објавил документарен прилог кој го разработува местото и улогата на на Гоце Делчев како организатор и раководител на македонското национално ослободително движење. Основен заклучок на авторот бил дека сета дејност на Гоце Делчев била насочена кон ослободувањето на македонскиот народ од гнетот и експлоатацијата на турските феудални асимилатори. Делчев се бореше за национална независност и слобода на македонскиот народ. (од книгата Гоце Делечв од Христо Андонов Полјански). Објавени се неколку биографии за Гоце Делчев но прво место зазема биографијата напишана од Пеју Јаворов објавена во 1904 година и е заначајна затоа што го означи почетокот на Делчевологијата. Вечен му помен и никогаш да не се заборави неговиот лик и дело. До надеж дека сите наредни генерации ќе го земаат за пример и ќе се борат за националните интереси на Македонија. Денес Гоце Делчев е и треба да биде секој Македонец кој си ја љуби својата Библијска Македонија! Гордана Димовска, Мелбурн, Австралија |