|
||||
Традиционално за Велигден се бојат 33 јајца |
Традиција што ја носи силата на верата и споменот на Христос Во македонската велигденска традиција, бојадисувањето на јајца претставува еден од најсвечените и најзначајни ритуали во текот на празничната недела. Особено внимание привлекува обичајот да се бојат точно 33 јајца, а причината за оваа бројка лежи длабоко во христијанската симболика. Бројот 33 ги претставува годините на животот на Исус Христос на земјата, од неговото раѓање до распнувањето на крстот и воскресението. Со бојадисувањето на 33 јајца, верниците оддаваат симболичен почит на жртвата на Христос и на воскресението како темел на христијанската вера. Првото јајце, по обичај, се бои во црвена боја, која ја симболизира крвта на Христос и победата на животот над смртта. Тоа јајце се остава покрај иконата во домот, се чува цела година и се смета за заштитник на семејството и домот. Овој обичај не е само религиозен симбол, туку и спој на вера, традиција и семејна поврзаност, што се пренесува од поколение на поколение. Така, со секое јајце што се бои, се обновува сеќавањето на Христовата жртва, но и радоста на Воскресението празникот на надежта, љубовта и новиот почеток. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото Воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина Воскресе! Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден денес е запазена во Светото Послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден. |