|
||||
Македонија не е тавче-гравче, Македонија е за почит! |
Изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, дадена во Скопје, предизвика лавина од реакции во Македонија. Наместо да остави впечаток на почит и разбирање кон Македонците и Македонија, нејзината споредба на македонскиот идентитет со традиционални јадења како „тавче-гравче“, „ајвар“ и „полнети пиперки“ беше површна, па дури и навредлива. Европа сака да не гледа како шарена фолклорна слика, со убаво јадење и евтина работна сила. Но ние сме многу повеќе од тоа. Ние сме народ со длабоки корени, со богата духовност, со болна но горда историја. Македонскиот идентитет не е зготвен во глинена тава, туку е врежан во камен, во фреска, во збор, во жртва. Тој се издигнува над кујната и допира до самиот темел на европската цивилизација. Охрид, нашиот бисер на Балканот има 365 цркви, по една за секој ден од годината. Тој е градот на Светите Кирил и Методиј, просветителите што ја создадоа глаголицата, основата на словенската писменост. Од нив произлезе Климент, првиот словенски епископ, и Наум, чии мошти и денес лечат. Тука е и курбиновската фреска, ликот на Христос со израз на човечка болка, една од највпечатливите средновековни иконографски маски на Балканот. Тука, на македонска почва, чекорел и самиот апостол Павле, кој ја покрстил првата христијанка во Европа – Лидија. Тоа не е мит, тоа е библиска, духовна и историска реалност. Ние сме тие што ја примија христијанската вера први во Европа. Македонија е Библијска држава. Македонија е земјата на славните Филип и Александар Македонски. Македонија им даде писмо на другите. Ние сме тие што го чуваат јазикот и споменот, дури и кога сите други бараат да го заборавиме. Македонскиот народ не е роден од тавче-гравче, туку од отпорот на Илинденците, партизаните, од борбата на ВМРО, од аманетот на Гоце, Јане, Карев, Ченто, Драган,... од солзите на прогонетите, од тишината на запалените цркви, од песните што ги пееме и кога нè боли. Тоа не може да се сведе на гастрономија, ниту да се сервира со приближна љубезност. Идентитетот не е храна, Идентитетот е светиња. Нашиот идентитет е многу повеќе од гастрономија. Ако навистина сакаат да им се приклучиме, нека не ни го сведуваат постоењето на грав и пиперки. Нека го признаат нашиот јазик, нека ја почитуваат нашата култура, историја, нека не тргуваат со нашата вистина. Европа не смее да биде унија на интереси, туку унија на вредности. А достоинството на народот е врвна вредност. Тој е меморија, страдање, отпор, култура, вера, јазик. Нешто што се пренесува од генерација на генерација, не во рецепт, туку во тивка молитва и упорна борба. Тоа Европа треба да го чуе, ако навистина сака да нè види како рамноправни. Инаку, ќе останеме за нив само пикантна страна на менито. А ние сме многу повеќе од тоа. Идентитетот не се вари. Тој се брани. Се чува. Се предава и се носи во срцето како крст, како завет, како нешто што не се сервира, туку се почитува. Библијска Македонија не е за јадење! Библијска Македонија е за почит! |