|
||||
| НЕКОЛКУ ИЛЈАДИ ДЕЦА ВО БАДНИКОВИТЕ ПОВОРКИ – „Вечниот Бог“ одекна како молитва по градовите и во дијаспората |
|
Со благослов и духовна радост, и годинава по 16-ти пат, Бадниковите поворки го осветлија празничниот праг на Рождеството Христово. Низ улиците и плоштадите на македонските градови, но и меѓу македонските заедници во дијаспората, неколку илјади деца, како живи светилки на верата, ја понесоа Божиќната ѕвезда и со чисти срца ја запееја песната „Вечниот Бог“, најавувајќи ја радосната вест за раѓањето на Спасителот на светот. Иако денешниот ден беше обвиткан со дожд, ниту студот ниту временските неприлики не ја поколебаа детската вера. Напротив, дождот стана симбол на небесен благослов, а чекорите на децата – тивка молитва што се издигаше кон небото. Со секој изговорен стих, со секој поглед вперен кон Божиќната ѕвезда, се потврдуваше дека светлината Христова не се гаси, туку постојано се умножува преку најчистите – децата. Бадниковите поворки се повеќе од обичај – тие се жива литургија надвор од храмовите, сведоштво дека верата не е затворена меѓу ѕидови, туку чекори меѓу народот. Во нив, децата не се само учесници, туку благовесници на Христовото Рождество, носители на радосната порака дека Бог стана Човек за спасение на светот. Песната „Вечниот Бог“, која одекна низ градовите и далечните македонски заедници, ја соедини татковината со дијаспората во една духовна целина. Истата молитва, истата вера и истата надеж се вознесоа од Македонија до сите места каде што чука македонското православно срце, потврдувајќи дека народот останува цврсто вкоренет во својата вера и традиција. Шеснаесет години по ред, овие поворки се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник. Тие се тивок, но силен одговор на времето во кое живееме – време на предизвици, но и време во кое верата се обновува преку детската чистота и искреност. Во пресрет на Рождеството Христово, Бадниковите поворки уште еднаш нè потсетија дека иднината на народот се гради врз верата, љубовта и молитвата. Додека децата ја носат Божиќната ѕвезда и ја пеат песната за Вечниот Бог, Македонија останува осветлена од надежта дека Христос се раѓа – секогаш и одново – во срцата на верните. Христос се роди! Навистина се роди! |





















