|
||||
| Во Европската Унија има 24 службени јазици, ниту еден од нив не мора да се правда за своето постоење |
|
Акцискиот план не падна – падна маската на Бугарија Бугарија не го одби Акцискиот план за малцинства затоа што не бил европски, ниту затоа што бил слаб, ниту затоа што не ги штител малцинските права. Го одби затоа што бил напишан на македонски јазик. Толку едноставно. И толку поразително за европскиот имиџ на Софија. Со овој потег, Бугарија престана да се крие зад бирократски формулации и конечно ја симна маската: проблемот не е документот, проблемот е самото постоење на македонскиот јазик и народ. Сè друго е алиби. Во Европската Унија има 24 службени јазици. Ниту еден од нив не мора да се правда за своето постоење. Само македонскиот, очигледно, треба да биде ставен под наводници. Само македонскиот е „провокација“. Само македонскиот е проблем. Со одбивањето на Акцискиот план, Бугарија испраќа јасна порака: Македонија може да има институции, може да има влада, може да прави реформи – но нема право на свој јазик. Тоа не е европска позиција. Тоа е 19-вековен национализам, спакуван во европска папка. Најциничниот дел од оваа приказна е што станува збор за документ посветен на малцинските права. Држава која официјално тврди дека на нејзина територија не постои ниту едно малцинство, блокира документ кој треба да ги унапреди малцинските политики во друга држава. Тоа не е грижа за човекови права. Тоа е политичка уцена. Бугарија не се бори за малцинствата – се бори против македонската посебност. Малцинствата се само параван. Доколку Европската Унија дозволи ваква пракса да стане „нормална“, тогаш таа престанува да биде заедница на вредности и станува платформа за билатерални уцени. Денес е македонскиот јазик, утре ќе биде нечие име, историја или култура. Прашањето веќе не е што треба да направи Македонија, туку: Молкот во вакви ситуации не е неутралност. Молкот е соучесништво. Случајот со Акцискиот план конечно треба да стави крај на една опасна илузија: дека проблемот со Бугарија е технички и дека ќе се реши со уште еден документ, уште еден компромис или уште едно „разбирање“. МН |





















