|
||
| Македонија никогаш не била грчка и тешко дека ќе стане грчка! |
|
Кога вистината боде: една изјава на Александра Јоаниду и паниката од реалноста во Грција Александра Јоаниду е грчка лингвистка и универзитетска професорка, позната по своите јавни настапи во кои отворено зборува за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и табуата што со децении владееле во грчкото општество. Таа не е политичар, ниту портпарол на грчката влада, туку интелектуалка која се осмелува да ја каже реалноста – без дипломатска шминка. Кога Јоаниду вели дека Македонија не е и никогаш не била „грчка“, таа зборува за една проста, но за многумина неподнослива вистина: дека името, идентитетот и историското наследство не можат да бидат монопол на една држава или една нација. Дека „Македонија“ не е бренд, туку историски и културен простор со повеќеслојна реалност. Токму тука настанува паниката затоа што ова не е изјава од „непријателска страна“, туку од грчка интелектуалка која јавно признава дека официјалниот грчки наратив со децении бил граден врз поедноставувања, стравови и табуа. Кога таков глас доаѓа „одвнатре“, тој станува поопасен од која било дипломатска нота или меѓународен извештај. Изјавата на Јоаниду, всушност, само ја потврдува една одамна позната вистина: Македонија не е туѓ проект, ниту историска грешка, туку факт. Факт што преживеал империи, поделби, граници, договори и притисоци. И токму затоа, колку и да се прекројуваат формулации, таа вистина останува – непријатна за некого, но неизбежна. А вистината, како што знаеме, најмногу боли кога конечно ќе се изговори гласно. Додека грчки академици, без дипломатски калкулации и без потреба да му се додворуваат на никого, отворено признаваат дека Македонија не е и не може да биде ничија сопственост, некои домашни политички елити платени од СДС упорно нè убедуваат дека со Преспанскиот договор „се затвориле сите прашања“. Историјата била расчистена, идентитетот обезбеден, а иднината – европска. Барем на хартија. Во пракса, Преспа не донесе крај на условувањата, туку отвори нов модел на притисок. Наместо конечност – процес без крај. Наместо јасни правила – комисии. Историски, образовни, мешовити тела и подгрупи што со години заседаваат, а резултатот секогаш е ист: ново „прашање“ што допрва треба да се „усогласи“. Македонија не напредува – таа постојано се дообјаснува. Европската идеја, барем во македонскиот случај, се сведе на бирократска гимнастика. Наместо Европа на вредности – владеење на правото, демократија и еднаквост – добивме Европа на фусноти. Фусноти за името, за јазикот, за историјата, за учебниците. Фусноти што не ги чита никој, но ги плаќаат сите. Наместо напредок, ни се бара постојано да докажуваме дека постоиме. Наместо партнерство – условување без рок на траење. Најапсурдно е што токму тие што најгласно тврдеа дека Преспа ќе биде „последната жртва“, денес најлесно прифаќаат нови отстапки кон Бугарија како „неопходни чекори“. Европскиот пат веќе не се мери во реформи и резултати, туку во подготвеноста повторно да се преговара за нешта што наводно биле затворени. Но реалноста е поинаква и многу поедноставна. Идентитетот не се гласа во комисии. Историјата не се брише со протокол. Јазикот не исчезнува со фуснота, ниту државата се поништува со дипломатска формулација. Колку и да се проверуваат учебници, колку и да се редефинираат поими, Македонија не станува ничија, Македонија останува на Македонците. Можеби токму затоа изјавите како оние на Александра и покрај сите договори, притисоци и „европски патокази“, постојат вистини што не можат да се стават во заграда. А цената на иднината, колку и да ни ја повторуваат како мантра, не може вечно да се плаќа со сопственото достоинство. Европа што вреди не бара одрекување, туку почит. Сѐ друго е само долг пат во место – со многу комисии, многу фусноти и премалку Европа. МН |