Среда, 25 Февруари 2026    Печати
Македонија пред вратата на нова Европа?

eu

Извештајот на Mario Draghi, кој ќе се разгледува на Европскиот совет на 19. и 20. март 2026 година не е само економски документ, тој е сигнал дека Европа сфатила дека не може да живее од минатото.

Светот се движи побрзо – САД инвестираат агресивно, Кина произведува масовно, Русија се наоружува и води војна во Европа, а дали ЕУ ќе биде активен играч или набљудувач е прашање на одлука.

Во таа нова архитектура, каде е Македонија?

Сè погласно се зборува за модел во кој земјите од Западен Балкан – меѓу нив Македонија, Албанија, Црна Гора – заедно со Украина и можеби Молдавија, би добиле пристап до единствениот пазар, фондови и институционално присуство, но без право на глас. Економско членство без политичка тежина.

За мала економија како што е Македонија, тоа не е безначајно, членство би значело 400–600 милиони евра годишно. Инфраструктурен бум, стабилизација на буџетот, поевтино задолжување, повисок кредитен рејтинг. За една деценија, тоа може да значи дополнителни 4–6 милијарди евра инвестиции.

Дилемата не е „ЕУ или не“. Дилемата е дали ќе прифатиме постепена економска интеграција без глас или ќе инсистираме на полноправно членство, па макар патот да биде подолг.

Во новата Европа се формира јадро – побрзо, поинтегрирано, поодлучно. Периферијата ќе биде економски поврзана, но политички ограничена. Прашањето е во кој круг сакаме да припаѓаме.

Македонија нема луксуз да остане надвор од процесот. Статус кво не носи фондови, не носи реформи, а слепата верба дека членството автоматски ќе ги реши проблемите, не е доволна. Европа се реорганизира. Ние мора да одлучиме: ќе бидеме активен дел од таа трансформација или повторно ќе чекаме историјата да се случува без нас?

Македонското знаме во Брисел е симбол. Фондовите се инструмент. Но вистинското прашање останува дома: дали сме подготвени да ја искористиме шансата кога ќе се отвори?.

МН