Петок, 01 Октомври 2010    Печати
За петнаесет месеци над 25.000 обожаватели на Фејсбук страната на Македонска нација

За петнаесет месеци Македонска нација,  со искрена намера и длабок патриотизам, објави над 2.500 текстови. Ги читаат и млади и стари, и оние кои тоа го прават со симпатии, но и оние кои тоа го прават за да има што да критикуваат, барем ценето според нивните стандарди.  На многумина од оние кои беа сомничави, Македонска нација им ги отвори очите и им ги разигра патриотските чувства. Но не можеме да заборавиме дека стасуваа и, за жал, сеуште стасуваат и непријатни коментари, дури и погрдни зборови и закани со физичка ликвидација.  Од нас нека им е простено, но не знам како сами ке си простат за гревот што го прават, кога еден ден конечно до нив ќе допре чистотата на добрата мисла, ако воопшто тоа некогаш се случи.

facebook-makedonska-nacija

На самиот почеток, на 17.06.2009 година кога го објавивме првиот број на Македонска нација станавме предмет на шпекулациидали сме биле за овие или за оние. Вo зависност од ориентацијата на нашите критичари, ако во одреден текст беше засегната Србија, не оквалификуваа дека пиѓуваме пробугарски, а ако во текстот беше засегната Бугарија, тогаш не оквалификуваа дека сме просрпски. Имавме и многу непријатни, организирани коментари од оние што душите си ги продале кај атињаните, но и тоа го обожаваме.

Како го издржавме сето тоа? Го издржавме затоа што најголемиот дел од Вас не охрабривте да продолжиме само така, на македонскиот пат, за што сме Ви од срце благодарни.

Ветувавме, а и денес Ви ветуваме, кога Македонска нација е една од водечките веб портали во Македонија, со над 25.000 обожаватели на Фејсбук, дека нема да отстапиме од македонскиот патоказ, нема да престанеме да истражуваме и да ги расветлуваме страниците од нашата историја што биле табу теми, кои во минатото забранувани теми кои не се вклопуваа во политиката на поранешната комунистичка олигархија, солидарна со оние кои нашата Македонија ја поделија по балканските војни а ја запечатија поделбата со Букурешкиот договор.

Ветуваме  дека Македонска нација нема да се повлече, заради доброто на нашата земја што сме ја наследиле од Македонците пред нас, заради доброто на Македонците што сега стасуваат или допрва ќе се родат .

Македонска нација не е  и нема да биде ниту антибугарска, ни антигрчка, ни антисрпска, ни антиалбанска. Македонска нација е и ќе остане македонска, Македонска нација објавува и ќе продолжи да објавува теми за Македонија, за тоа што таа била, за тоа што таа има, за тоа каде таа стреми

Македонска нација, според содржините и пристапот што ги негува, слободно може да се нарече дека е вистинската Енциклопедија Македоника. Таа е и македонскиот CNN, и National Geographic, и History Chanel и Explorer. Со слика и збор, таа е пресек на македоската сегашност, потсетување на славното минато, но и суд за историјата. Бескрајна сага за сонот и јавето, за коренот и крошната, за грутката земја и бескрајот на универзумот. Галерија на македонските легенди што со внимение и посветеност ги негува и предвесник на сеуште недопишаните страници на македонскиот непокор. Но и непрекината низа од живи слики за преубавата Македонија, создадена таква од Господа и надоградена од Македонците што живеат тука од памтивека, од времињата уште пред Филип и Александар и ќе живеат тука додека трае светот и векот. Оваа Енциклопедија Македоника зборувајќи за минатото, ја објаснува сегашноста и дава насока за иднината. Зборувајќи за големината и славата на Македонија низ вековите, кажува за тоа каде е најнискиот праг на националното достоинство под кој не смее да се симне ниеден Македонец, ни денес ни било кога низ времињата што следат. Македонска нација едновремено е жив збор за македонската вистина, секојпат поткрепена со опипливи факти цврсто документирани и проверливи. Во оваа Енциклопедија Македоника нема да најдете патетика, жални песни и барање вина кај другите. Не дека нашата историја не е исполнета и со чемер и со јад. Да, го има и тоа, но низ страниците на Македонска нација силно провејува свеста дека само малите и безначајните се исцрпуваат во пеење тажни песни што не оставаат време ни простор за чекорење напред со крената глава, бистар поглед и чисто срце. Токму затоа Македонија што ја промовира Македонска нација зрачи со ведар поглед, човечка големина и добра мисла, со посветеност и способност, со силна верба во Бога и посветеност кон мисијата да се даде позитивен пример и да се предводат другите во добро, бидејќи тоа е вистинскиот начин како да се слави името Господово.

Занемарувајќи ги непријатните моменти можеме да бидеме среќни со тоа дека Македонска нација стана бренд кај Македонците патриоти тука, во Македонија, и во дијаспората. Македонска нација стана прозорец кон она што било намерно криено.

Од пошироката јавност и патоказ на македонското достоинство кое побудува восхит наспроти провидноста на фалсификуваната историја што ни се нудела во минатото и која некои сеуште се обидуваат да ни ја нудат, наивно верувајки дека некој ќе им поверува.

Македонска нација им благодари на сите кои помагаат да биде побогата со содржини, силно поткрепени со аргументи и документи

Конечно, неприкосновена е вистината дека сите ние сме минливи на овој свет, со трага позади нас или некои и без тоа. САМО МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА! А Македонска нација е нејзиниот хроничар што ги бележи  настаните и љубоморно го чува македонскиот патоказ.

Македонска нација