|
|
МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ, ДРУШТВА И АСОЦИЈАЦИИ ВО КАНАДА (31) |
ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ“ (ТРЕТ ДЕЛ) НА СЛАВЕ КАТИН Етничките организации во новите средини на Македонците во Канада ги зачувуваат своите национални вредности, а во исто време го збогатуваат мозаикот на мултинационалните култури во новите средини во иселеништвото 4. САМОСТОЈНИ АСОЦИЈАЦИИ ВО ТОРОНТО МАКЕДОНСКО-КАНАДСКИ ПЕНЗИОНЕРСКИ КЛУБ. Во минатото, македонските пензионери, главно, се собирале по разни македонски ресторани и трговски центри. Денес идентичен е случајот со средните генерации, кои неколку пати во неделата се собираат во “кафе шоповите”. Таму тие другаруваат, играат шах, карти и дискутираат за политичките настани во Македонија. Омилено место на нивните средби бил трговскиот центар (плаза) во Торнклиф Парк. Тука потекнала и идејата за формирање на македонски клуб на пензионерите. Идејата била прифатена од голем број пензионери и во 1975 година бил формиран “Македонско-канадскиот пензионерски клуб”. Клубот бил отворен во простории на трговскиот центар во Торнклиф Паркот, а со помош на Канада бил опремен. Во клубот се служело кафе и разни други пијалоци и тој станал собирно место на многу пензионери, а и на помлади доселеници, кои времето го поминувале во една македонска просторија и средина. Пензионерскиот клуб во просториите на Торнклиф Парк останал три години. Со изградбата на Македонско-канадскиот старски дом во 1978 година, клубот добил простор во овој дом, каде што работи до денешно време. Во своето постоење, Македонско-канадскиот пензионерски клуб бил издавач на монографија поврзана со историјата на македонското иселеништво во Канада. Насловот на монографијата гласи “Македонските доселеници во Канада и нивните корени”, издадена во 1980 година, а финансирана од државните канадски власти. ФОЛКЛОРНАТА ГРУПА “СЕЉАНИ” била основана во 1969 година, во рамките на Македонско-бугарската православна црква Св. Кирил и Методиј во Торонто. Во тоа време родителите на членовите на оваа група, црквувале во таа општина. Во склопот на оваа црква, групата останала с# до 1971 година, кога поради недоразбирање со нејзината управа, ја напуштила црквата. Од самото формирање, групата ја негува македонската изворна народна песна и оро. По напуштањето на црквата Св. Кирил и Методиј, групата “Сељани” своите проби ги одржувала во други простории, а потоа во просториите на “Јорк универзитетот”. Во групата членувале неколку студенти кои студирале на овој универзитет, на кои салата им била давана на бесплатно користење. Првиот јавен настап македонската групата “Сељани” го одржала во годината на нејзиното основање, во 1969 година, за време на деновите на етничкиот фестивал “Караван”. Потоа имала бројни настапи, за подоцна, во 1976 година, да замине за Монтреал каде настапила на Олимпијадата, како канадски претставник. Исто така, македонската групата “Сељани” учествувала и на Светската етномузиколошка конференција, што се одржала во Торонто во 1975 година. Потоа, групата повеќе пати настапила и во Музејот на нациите во Торонто, како и на фестивалот “Пофалба на рацете”. Во 1977 година групата “Сељани” настапила на меѓународниот фолклорен фестивал во Ленпуел, Велс - Велика Британија, а неколку пати била гостин и во Република Македонија. Во 1982 и 1983 година групата “Сељани” била организатор на фестивал. Во рамките на фестивалите била организирана изложба на македонски стари народни носии, што биле сопственост на групата. Групата “Сељани” настапила на многубројните приредби што се одржувале во македонската православна црква Св. Климент Охридски, на фестивалот “Караванот на нациите”, што се одржува секоја година во Торонто, на приредбата “Оро македонско” и други манифестации. Главната цел на групата “Сељани” била да настапува пред канадската публика со цел да ја запознае со македонското фолклорно и културно богатство. Групата “Сељани” издала и своја книга на англиски јазик под наслов “Македонија“ избор на статии за историјата и културата на Македонија”. ЗДРУЖЕНИЕ НА ДЕЦАТА БЕГАЛЦИ ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА. Кон крајот на седумдесетите години кај група млади и образовани лица, во меѓусебното комуницирање, се родила идејата за создавање организација во која ќе членуваат луѓе кои ја преживеале трагедијата на Граѓанската војна во Грција и егзодусот низ повеќе земји во светот. Таа група ја сочинувале деца бегалци кои во Канада се населиле главно од Полска, а некои од нив дошле и преку Република Македонија. Сеќавање на децата прогонети од Егејска Македонија Голема заслуга во ширењето на целите и задачите на Здружението одиграла редакцијата на весникот “Македонски глас”, кој на своите страници ја ширел вистината за судбината на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија и го развивал чувството за заедништво. Со залагање на редакцијата на весникот “Македонски глас”, во Торонто, во 1978 година била организирана првата средба. Всушност на оваа средба била поттикната идејата за организирањето на Светска средба на децата бегалци. Здружението на децата бегалци од Торонто е многу активен субјект во општествениот живот на македонското иселеништво во Канада. Во зависност од настаните кои се одигрувале околу Македонија, Здружението секогаш навреме реагирало со разни петиции и писма до меѓународните институции, во прв ред од областа на заштитата на човековите права на Македонците, посебно на оние од Егејска Македонија. Исто така, тоа станало еден од носителите на дејностите на доселениците сврзани со признавањето на Македонија. Инаку, Здружението на децата бегалци било регистрирано како добротворно здружение, кое во своите редови ги обединува децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и нивните потомци. МАКЕДОНСКО-КАНАДСКАТА АКАДЕМСКА АСОЦИЈАЦИЈА била основана во 1975 година. Во своите редови таа ги собира македонските интелектуалци во Торонто. Главна цел на асоцијацијата е да одржува врски со научни работници од Македонија и пошироко, како и да организира разни предавања од областа на македонската историја и наука. МАКЕДОНСКОТО ДРУШТВО НА БОРЦИТЕ било основано во 1983 година. Тоа ги вклучиле борците од времето на Втората светска војна и е во состав на Кралските канадски легиони, секција 617. За жал, во 1989 година дошло до расцеп во боречкото друштво и се формирало второ македонско друштво на борците од Македонија во Канада. Новоформираното друштво на борците постои како самостојно македонско друштво, но и тоа е во склопот на Канадската лига на ветераните. Тоа е регистрирано и има свој правилник за работа. Прололжува
|